Ако продолжи кризата, растот ќе биде 1.6%
Раст од 1,6% е најреално сценарио ако во Македонија продолжи политичката криза.
Народна банка предвидува две сценарија за движењето на македонската економија. Според гувернерот Димитар Богов, сега е пореална попесимистичката прогноза, којашто предвидува забавување на кредитната активност и на растот. Се очекува раст на БДП од 1,6% за 2016 година, или за 2 процентни поени понизок од основното сценарио. Народна банка смета дека најголемо надолно отстапување би имало кај личната потрошувачка и кај инвестиците, со опасност од дефлација.
„Ваквата ситуација ќе влијае на инвеститорите, очекуваме пониски странски директни инвестиции и намалени домашни инвестиции. Исто така се очекуваат понеповолни движења на пазарот на труд, и секако ризици за финансирање на економијата. Сето ова доведува до последици како намалена кредитна активност, намалена извозна активност, помал економски раст, помалку креирање работни места“ - вели Богов.
Богов кажа дека зголемувањето на каматните стапки на благајничките записи ќе има ефекти врз износот на каматните стапки во банките, а дали ќе се зголемат и ратите за кредитите, ќе зависи од банка до банка. НБРМ донесе и нови дополнителни монетарни мерки. Подобрени се условите за пласирање девизни депозити на домашните банки во НБРМ.
