Aко патувате во Турција, наскоро ќе има нова давачка за туристите
Во новата 2023 година, Турција ќе наплаќа туристичка такса.
Ќе се наплаќа два отсто за сместување во хотели, туристички села, мотели, пансиони, како и туристички тури од туристички агенции. Мерката стартува од 1 јануари.
Ова нема да важи за претставниците на дипломатските претставништва и меѓународните организации кои имаат дипломатски статус.
Одлуката за туристичката такса е донесена во 2019 година, но примената на одлуката беше одложена поради пандемијата на коронавирусот.
Претставниците на туристичката индустрија во Турција претходно се изјаснија против воведувањето на таксата со образложение дека тоа ќе ја ослаби конкурентската позиција на земјата. Инаку, Турција е лидер во Европа со високата инфлација која изнесува 88 отсто. Земјата врвот го достигна во 2014 година, кога имала околу 42 милиони странски туристи. Со тоа стана шесто најпопуларно туристичко одредиште во светот.
