Ако нема зголемување на платите, ССМ ќе организира блокади, но и генерален штрајк
Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) најавува блокади од следната недела.
ССМ ги повикаа од Владата во понеделник да дојдат во зградата на ССМ и да го потпишат колективниот договор со кој ќе се зголемат платите на вработените за 40 отсто уште од идниот месец. Во спротивно, ССМ најавува дека ќе почнат со блокади, а останува и одлуката за генерален штрајк доколку не се зголемат платите.
„Го повикуваме претставникот на Владата во понеделник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој ги зголемува платите на вработените за 40 проценти и наместо во 2028 година да ја зголемиме минималната плата на 600 евра од февруари 2026 година. Го покануваме преку вас медиумите да дојде и да ја зголеми платата. Но, доколку не дојде, што тогаш“, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Тој рече дека ССМ останува на најавите за блокади кои ќе почнат од следната недела, а први што ќе бидат блокирани се пратениците во Собранието.
„Веројатно тие ќе бидат првите што ќе ги блокираме, затоа што тие нè блокираа цела година, го чуваа законот во фиока и не сакаа да ги зголемат платите на работниците. Тоа значи дека пратениците ќе мора да дојдат пеш или со јавен превоз, како што одат работниците на работа. Тој ден нема да можат да наплатат патни трошоци, а ќе побарам од претседателот на Собранието да нè информира кој пратеник побарал патни трошоци за тој ден“, рече Трендафилов.
Tој најави дека останува и одлуката за организирање 24-часовен генерален штрајк која е донесена од страна на највисоките тела на Синдикатот.
За генералниот штрајк, Трендафилов рече дека ќе трае 24 часа, а сите работници што ќе излезат ќе бидат заштитени.
ССМ деновиве одржа протест, со барање минималната плата да биде 600 евра, а сите други плати да се зголемат за 100 евра.