Ако нема линеарно зголемување на платите, ќе има генерален штрајк
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе организира генерален штрајк ако не се реализира линеарното зголемување на платите.
Станува збор за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари. Од ССМ сакаат да остварат средба во премиерот Димитар Ковачевски и надлежните министри. Во понеделникот побараа средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и министрите за финансии и за труд и социјална политика бидејќи, како што тврдат, во ребалансот на Буџетот не се предвидени средства за оваа намена. Од ССМ велат дека трпението е при крај и дека ако не се исполни даденото ветување, единствената опција е да се оди на генерален штрајк.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски во изјава за МИА вели дека доколку наскоро не бидат повикани на разговор во Владата, тогаш Претседателството и Советот на ССМ, како највисоки тела на Синдикатот, ќе дадат упатство до гранските синдикати за организирање на генерален штрајк.
