Ако нема договор со Косово српски политичар вели дека е можно деца да гинат
Србија мора да биде свесна за последиците доколку не се постигне договор со Приштина, а тоа би било враќање на Србија и регионот во судири.
Ова денеска го изјави директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ.
Тој вели дека Србија денес е соочена со дилемата дали сака да постигне договор или не, но мора да биде свесна за она што ќе се случи доколку не се случи договор.
Вели дека во дијалогот со Приштина има „сериозно и тешко“ условување“.
„Доколку не постигнеме договор, бидете сосема сигурни дека работите нема да може да останат вакви какви што се. Во следните неколку години сосема е сигурно дека би ја вратиле нашата држава и регионот во некој вид судир. Нема да може да осигураме дека нашите деца нема да гинат“- изјави Ѓуриќ за РТС.
На прашањето за евентуална поделба на Косово или размена на територии за столче во ОН, Ѓуриќ избегна одговор и кажа дека што и да добие Србија ќе биде повеќе отколку што има денес.
Инаку, тој пред неколку месеци беше уапсен во Косовската Митровица каде имаше состанок со српското население. Тој се жалеше на брутално однесување, а косовските власти тврдеа дека влегол на Косово без Приштина да му одобри.
