Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ако не знаете како да заштедите електрична енергија, еве неколку практични совети

Ако не знаете како да заштедите електрична енергија, еве неколку практични совети

Голем дел од граѓаните не знаат како да заштедат електрична енергија, но со сет на мерки тоа е можно и е особено важно во време на енергетска криза, кога и власта повика на штедење.

Со следење на неколку практични совети, домаќинставата можат за 20 отсто да ја намалат потрошувачката на електрична енерија во домот. Ги прашавме граѓаните, дали и колку се информирани на оваа тема.

„Повеќе од година дена користам штедливи светилки и сум задоволна, затоа што имаат подолг век на траење од обичните. Машината за алишта обично ја користам во време на евтина тарифа, секогаш кога тоа е можно. За жал, за бојлерот не е секогаш така, тука шансите да штедам се помали. Добро е да знаеме повеќе, затоа што колку повеќе знаеме на оваа тема, ќе си помогнеме себеси“, вели наша соговорничка.

Од Центарот за климатски промени објаснуваат дека дури и мали инвестиции можат да дадат ефект. Оттаму додаваат дека енергетската криза беше таа која кај нас го актуелизираше прашањето на енергетска ефикасност и заштеда на електрична енергија во домаќинствата, иако станува збор за сектор кој има значителен удел во финалната потрошувачка на енергија.

„Истражувањето кое во рамките на проектот „Анализа на навиките за штедење на енергија во домаќинствата во Град Скопје“ го спроведе Центарот за климатски промени во соработка со УНДП, покажува дека свеста и информираноста на граѓаните во врска со овие прашања не е на посакуваното ниво. Имено, тие најчесто се одлучуваат за апарати за домаќинство со пониска цена отколку со повисока енергетска класа, а во значителен број се грејат на електрична енергија. Греењето со електрична енергија со користење на електрични греалки е исклучително неефикасно и скапо. Опцијата со инвертер е енергетски ефикасна, особено доколку вредноста на т.н COP (Coefficient of Performance) на инвертерот е повисока. Во последните години примената на инвертерите е во пораст, но за жал недоволно се застапени многу други решенија кои нашето поднебје ги нуди – соларен термален систем како поддршка на основниот систем за греење, топлински пумпи чиј извор е почва, подземна вода и слично“, велат од Центарот за климатски промени.

Додаваат дека нешто што е мерливо и видливо секако е полесно за разбирање, а со тоа граѓаните ја менуваат својата перцепција и убедување во однос на енергетската потрошувачка. Добро е граѓаните да знаат кој уред колку троши. Велат дека само врз основа на промена на навиките, односно без инвестициски вложувања, во едно домаќинство е можно да се заштеди дури до 20 отсто од електричната енергија (подесување на незначително пониска температура на системот за греење во зима и повисока темпаратура на системот за ладење во лето, повисока температура кај ладилникот, пониска зададена температура кај болјерот за санитарна топла вода, и сл.) 

„За да се постигне видливост на потрошувачката, ние во претходно споменатиот проект користевме сет за заштеда на енергија, со кој одделно се мереше потрошувачката на различни уреди во домаќинството. Се покажа дека навистина граѓаните ги менуваат навиките доколку гледаат во реално време колку енергија трошат. Најголем потрошувач е електричниот бојлер за санитарна топла вода, па затоа е неопходно да се размислува за одржлива алтернатива во вид на соларни термални колектори, како опција која е навистина соодветна за нашето поднебје. Радува податокот дека енергетски ефикасните светилки се навистина широко распространети и во употреба кај нашите домаќинства во град Скопје, но таквата состојба треба да се подобри и во внатрешноста на државата. Придобивките на ефикасните светилки, посебно ЛЕД светилките се неспорни и во однос на неколкукратно подолгиот век на траење и во однос на инсталираната моќност за ист квалитет на осветлување во споредба со класичните светилки со вжарено влакно. (100W наспроти 14-20W кај ЛЕД светилките). Ваквиот сооднос на моќноста значи околу 5 пати пониска потрошувачка на енергија во корист на ЛЕД светилките“, велат од Центарот за климатски промени.

Советуваат дека е неопходно поголемо вложување во термичка изолација на објектите, преку програми на субвенционирање, но и со континуирано работење на подигање на свеста кај граѓаните. Системот на блок тарифи ќе делува поттикнувачки за подобрување на енергетската ефикасност, но и за промена на концептот на греење, особено кај оние граѓани кои се грејат на електрична енергиј. 

Домаќинставата за 16.32 отсто ја намалиле потрошувачката на струја во скапа тарифа. Што се однесува до институциите, тие во октомври годинава за 24 отсто ја намалиле потрошувачката. Подслоганот„Штедимезаедноденесзадаимамеутре“, Владата ги едуцира граѓаните да практикуваат пократко туширање, да ги затополуваат домовите до 22 степени, да употребуваат штедливи светилки и слично.

Сања Атанасовска

фото freepik.com/tsyboleg

Слично

Поврзани вести