АКО НЕ ТЕРАА ИНАЕТ, ДЕНЕС РАБОТНИЦИТЕ ЌЕ ИМАА ЗА 6.000 ДЕНАРИ ПОВИСОКА ПЛАТА: Трендафилов за синоќешните изјави на Димитриеска Кочоска
Незголемувањето на работничките плати е резултат на лични суети и политички инат во Владата, реагираат од синдикатите, обвинувајќи дека егото на поединци од владејачките структури директно ги држи работниците во сиромаштија.
Според нив, уште минатата година постоела реална можност платите да се зголемат за најмалку 6.000 денари, откако работодавачите биле подготвени да го направат тоа доколку Владата привремено се откажела од дел од придонесите. Наместо поддршка, како што наведуваат, одредени функционери во Владата ја блокирале оваа можност, одбивајќи било какво олеснување.
– Доколку тогаш не се тераше инат и се прифатеше решението, денеска работниците ќе имаа повисоки плати, а по истекот на временскиот период на олеснување, државата ќе инкасираше над 10 милиони евра месечно, односно повеќе од 120 милиони евра годишно во буџетот – се наведува во реакцијата.
Синдикатите оценуваат дека наместо долгорочно и одржливо решение, Владата се одлучува за задолжување и кредити, чија цена, како што посочуваат, ќе ја плаќаат идните генерации.
Во апелот се повикува бизнис-секторот да ја прифати подадената рака на работниците и заеднички да извршат притисок врз Владата да застане на страната и на економијата и на вработените.
– Бизнисот и работниците ја избираат власта. Ако таа не работи во нивен интерес, ќе биде заменета. Доколку и тоа не се случи, следуваат следните фази – блокади, протести и генерален штрајк, за што целосната одговорност ќе ја сноси Владата – порачуваат синдикатите.
