Економија, финансии, бизнис

Контакт

АКО НЕ СЕ ПРЕЗЕМАТ МЕРКИ, ВО РОК ОД САМО ТРИ ГОДИНИ, ЌЕ БИДЕ ЗАГРОЗЕНА СТАБИЛНОСТА НА ЕНЕРГЕТСКИОТ СИСТЕМ: Проф. Трајковски со анализа на работата на ЕСМ

АКО НЕ СЕ ПРЕЗЕМАТ МЕРКИ, ВО РОК ОД САМО ТРИ ГОДИНИ, ЌЕ БИДЕ ЗАГРОЗЕНА СТАБИЛНОСТА НА ЕНЕРГЕТСКИОТ СИСТЕМ: Проф. Трајковски со анализа на работата на ЕСМ

Професорот  од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, вели дека државата мора да најде начин да ги реши финансиските загуби на ЕСМ, бидејќи во спротивно, компанијата па и целиот енергетски систем се соочуваат со загрозување на стабилноста.
„ЕСМ се соочува со големи системски загуби, кои во последните години се акумулираат преку продавање електрична енергија по цена под производствената. Загубите се покриваат со кредити од комерцијалните банки, што доведува до раст на долговите и постепено намалување на капиталот. За околу 3-4 години капиталот ќе стане негативен и долговите ќе ги надминат средствата. Ликвидноста на компанијата моментално зависи исклучиво од позајмени средства, додека инвестиции во нови капацитети и модернизација речиси и да нема. На тој начин, компанијата станува неодржлива, при што неодржливоста е резултат на структурно осиромашување, а не на природни економски неприлики.

Ако државата сака ЕСМ да остане функционално јавно претпријатие, електричната енергија треба да се продава по економска цена, додека субвенционирањето на ранливите корисници треба да се врши директно од буџетот. Докапитализацијата (покривање на долговите од страна на државата, односно претворање на долгот во капитал, како и внесување свеж капитал) треба да се насочи кон развој, модернизација и одржување на централите, а кредити да се користат исклучиво за инвестиции. Ова е токму спротивно од сегашната практика, каде се задолжува за покривање на тековните трошоци поради продавање струја под производствената цена.

Ликвидноста мора да се решава фискално и транспарентно, што значи дека потребните средства за тековно работење и покривање на обврски се обезбедуваат директно преку буџетот, со прецизна и транспарентна пресметка на трошоците, наместо да се создаваат дополнителни долгови кај банките. Стратегијата мора јасно да се соопшти на јавноста, односно да се знае дали компанијата ќе остане јавен систем или се планира приватизација.

Ако приватни сопственици ја преземат ЕСМ, што граѓаните најмалку би посакале, тие би постапиле сосема спротивно од сегашниот начин на раководење на државата. Прво би престанале да продаваат струја по цена под производствената, бидејќи тоа создава загуби. Потоа би ги оптимизирале трошоците, би отпуштиле многу вработени и структурно би ги реструктуирале непрофитабилните единици (на пример, адаптација на термоцентралите од јаглен на гас), додека профитабилните хидроцентрали би ги користеле за стабилен приход. Долгот кон банките би се менаџирал така што ќе се избегне континуирано зголемување на обврските, со цел компанијата да биде финансиски одржлива пред да се инвестира или модернизира. Целта би била да се создаде здрава и профитабилна компанија, наместо покривање загуби со комерцијални кредити и државни гаранции.

Доколку државата реши да продолжи да ја управува компанијата, ќе мора да постави професионален менаџерски тим избран на меѓународен конкурс, со јасни барања за перформанси, кој со строги мерки за намалување на трошоците ќе овозможи финансиска одржливост и ќе го прекине циклусот на акумулирање загуби и долгови. Тоа исто така би значело кастрење на трошоците, намалување на работните места и зголемување на цената на струјата. Единствената разлика е што државата би можела да се откаже од профитот, па цената на струјата не би била толку висока како во приватизациското сценарио. Доколку не се преземат вакви мерки, во рок од само три години ќе биде загрозена стабилноста не само на компанијата, туку и на целиот енергетски систем“, напиша тој.





Слично

Поврзани вести