Ако не се исполнат барањата, СОНК ќе се приклучи на штрајкот со глад на професорите од УГД-Штип
Доколку не се исполнат барањата, Претседателството на СОНК ќе ја разгледа можноста да се солидаризира и да се приклучи кон штрајкот со глад на тројцата професори од Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Ова го одлучи Претседателството на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, на вонредната седница одржана денеска, на која присуствуваа и тројцата професори што штрајкуваат затоа што сметаат дека се неоправдано избркани од работа.
Претседателството на СОНК констатира дека е направено грубо кршење на член 38 од Уставот на Република Македонија, со кој се гарантира правото на штрајк, од страна на одговорни органи на Економскиот факултет и на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, затоа што тројцата професори беа грубо отстранети и не им беше дозволено да штрајкуваат на факултетот. Освен ова, според синдикатот, направени се груби прекршувања на повеќе членови од Законот за работни односи, во делот на синдикалното организирање и слободата на синдикална активност.
Истовремено, СОНК констатира дека државните органи, особено Државната просветна инспекција и Државната трудова инспекција, покажаа неприфатлив инертен однос во врска со нивните надлежности со споменатиот случај и покрај навременото писмено известување и од страна на раководството на СОНК.
Затоа СОНК, во заклучоците од вонредната седница упатува неколку барања:
- Државната просветна инспекција и Државниот трудов инспекторат веднаш да ја утврдат фактичката состојба во врска со основаното сомнение дека се направени повеќе прекршувања во постапката и донесувањето на одлуката од страна на Наставничкиот совет при УГД Штип , која е директна причина за стапување во штрајк со глад на универзитетските професори Маргарита Матлиевска, Крсто Шајноски и Александар Костадиновски.
- Трудовата инспекција да утврди која е причината поради која тројцата професори се уште немаат добиено писмен документ, иако Наставничкиот совет одлуката ја има донесено на 7-07-2014 година.
- Трудовата инспекција да ја утврди конкретната одговорност за отстранувањето на тројцата професори од Економскиот факултет, со цел да бидат спречени да го одржат најавениот штрајк и да се покрене соодветна постапка, утврдена со закон.
- Народниот правобранител, согласно неговите надлежности, веднаш и во целост да направи согледување на овој случај.
Доколку овие барања не бидат исполнети, од СОНК најавуваат дека ќе ја разгледаат можноста да се приклучат кон штрајкот со глад на тројцата професори, кој трае веќе четврти ден.
„Претседателството на СОНК најостро ја осудува изјавата на Деканот на Економскиот факултет во Штип, дадена за средствата за јавно информирање, дека не дозволил одржување на штрајк со глад, бидејќи факултетот на бил детска градинка!!!. Бараме Деканот итно да се извини за оваа изјава и тоа преку средствата за јавно информирање“, стои во соопштението потпишано од претседателот на синдикатот Јаким Неделков.
Слично
