Ако лекарот доцни повеќе од 15 минути, пријавете го кај директорот!
Министерот за здравство Никола Тодоров најави нови опсежни измени на Законот за здравствена заштита, кои имаат за цел подобра здравствена услуга, како и подобрување на односот на здравствените работници кон пациентите.
Меѓу мерките е и обврската на лекарот да не доцни на прегледот закажан преку „Мој термин“.
„Лекарот може да задоцни на закажан преглед најмногу до 15 минути, или ако задоцни повеќе, мора да има оправдана причина, како итен случај или отсуство од работа поради болест. Ако, пак, лекарот неоправдано задоцни или не се појави на закажаниот термин на преглед, тогаш пациентот може да го пријави кај раководителот или кај директорот на болницата. Тие треба да поведат дисциплинска постапка за лекарот и за исходот во рок од 15 дена треба повратно да го известат пациентот кој го пријавил. Во спротивно пациентот може да се жали до Министерството за здравство, па што следува казна за директорот. За доцнењето на преглед или отсуството на лекарот, мора да има назначено лице кое ќе ги информира пациентите и ќе стои во чекалницата“, објасни Тодоров.
Според министерот, точно ќе се знае во секој момент каде се наоѓаат лекарите, зашто тие ќе бидат следени преку електронски информациски систем кој овозможува евиденција за доаѓање и заминување од работното место на вработените во јавните здравствени установи, но и евиденција на нивното присуство во просториите на јавната здравствена установа.
Секој лекар ќе може да биде упатен на работа во друго место, до пет работни денови во еден месец, со платени дневници и други трошоци. Ќе се воспоставува и систем кој точно ќе регистрира колку апчиња, инекции или што било друго се потрошени за лекување на секој пациент за да се намалат трошоците во здравството.
Слично
