Ако имате бакар, не се мислете, и во отпадите цената за килограм скокна
Во отпадите цената за килограм бакар се зголеми во согласност со движењата на берзите. Сега цената се движи од 400 до 500 денари за килограм.
Од отпад во главниот град ни потврдуваат дека цената се движи околу 500 денари.
„Ако се работи за тон, два тона, тоа е сериозна количина, и може да му се исплати повеќе, односно од 10 до 15 денари повеќе по килограм на тој што го предава бакарот во отпад. Ако е помала количина, тогаш оди околу 500 денари. Ние сме мали играчи на целата оваа земјина топка, не верувам дека некој го чува бакарот, за да го продаде кога ќе поскапи. Како го земаме, така го продаваме. Но, и непредвидливо е, односно ако сега е 500 денари килограм, може цената да се намали на 300 денари за еден ден. Обично луѓето носат по 2-3 или 5 килограми. Има и луѓе кои се редовни и се занимаваат со отпад, тоа им е работа“, велат од скопски отпад.
Последниве месеци цената на бакарот се зголемува поради тоа што и глобално побарувачката за овој метал се зголемува.
„Бакарот сега чини 420 денари за килограм. Пред 5-6 месеци скокна цената. Како ќе соберат количини, така и ни носат луѓето, независно од цената. Некој носи по 2, некој по 7, некој по 10, некој по 20 килограми“, објаснуваат од отпад во западниот дел на Македонија.
Според прогнозите, бакарот допрва ќе го бараат во повеќе индустрии.
„Цената на бакарот кај нас е 400 денари. Секојдневно се менува цената на берзата и тоа влијае на цената која ние ја исплаќаме на луѓето. Секој носи различна количина, кој, колку има собрано, но за разлика од другите метали, бакарот е најмалку застапен“, рекоа од отпад во Струмица.
Лани летото за килограм бакар во отпадите исплаќаа до 400 денари. Тон бакар на берзите деновиве се тргува за повеќе од 13.200 долари. Цели 15 години овој метал немал толку висока цена. Цената на бакарот продолжува да се зголемува, а се предвидува дека побарувачката на овој метал ќе порасне за 50 отсто до 2040 година, поради растот во секторите за вештачка интелигенција (ВИ) и одбрана. Чиле и Перу се најголемите производители на бакар, а Кина е најголемиот преработувач.
Сања Атанасовска