Ако има многу лажни азиланти – ЕУ ги враќа визите за Македонија
Советот на министри од ЕУ го усвои механизмот за привремено враќање на визите за граѓаните на западнобалканските држави и трети држави во „специфични ситуации – во случаите кога ќе има брз раст на нерегуларните имигранти, како и голем број неосновани барања за одобрување азил“. Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, пак сега е наша работа да спроведуваме мерки за да не дојде до активирање на механизмот и враќање на визите.
Македонија, вели таа, прави максимални напори да се намали бројот на условно речено нелегитимните баратели на азил кои потекнуваат од земјава.
„Во таа смисла ние преземаме мерки и активности за превентивно делување како информативни кампањи, разговори со ранливите групи и потенцијалните лажни баратели на азил, но преземаме и репресивни мерки како казнување на лицата кои организираат нелегално патување заради злоупотреба на безвизниот режим и кои на кој било начин сакаат да профитираат на грбот на овие лица, со што практично ја доведуваат во прашање визната либерализација како придобивка за сите граѓани на Република Македонија,“ изјави министерката.
Притоа најави уште поинтензивни активности, а како крајна цел ја посочи бројката нула лажни баратели на азил по потекло од Македонија.
Одлуката на Советот на министри на ЕУ, дозволува итно враќање на визите на шест месеци. Оваа мерка кај некои држави е можна и во случај на непочитување на договорите за реадмисија кога членка на ЕУ држава ќе одбие да ги прими назад своите државјани.
Во првите девет месеци од годинава, правото да ја напуштат државата им е одбиено на 4.311 граѓани, или за 36% повеќе споредено со истиот период минатата година.
Слично
