Ако и овој теснец падне, целиот свет ќе ги почувствува последиците - Иран се закани со нова блокада
Иранската револуционерна гарда се закани дека ќе ги затвори сите извозни коридори што им користат на САД и нивните сојузници, откако Техеран го затвори Ормутскиот теснец, а Вашингтон ја обнови поморската блокада на иранските пристаништа. Аналитичарите предупредуваат дека следната цел би можела да биде теснецот Баб ел-Мандеб, еден од најважните поморски патишта во светот.
„Регионалниот извоз на енергија ќе биде достапен за сите или за никого“, се вели во соопштението на Иранската револуционерна гарда, објавено од државната новинска агенција ИРНА.
Аналитичарите веруваат дека Техеран со тоа испраќа сигнал дека може да ги активира своите сојузници, јеменските Хути, со цел да го затвори теснецот Баб ел-Мандеб, кој ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив.
Голем дел од светската трговија поминува низ овој поморски коридор, вклучувајќи и значаен дел од извозот на саудиска нафта. Висок функционер на Хутите претходно оваа недела предупреди дека групата е подготвена да го затвори теснецот Баб ел-Мандеб ако Саудиска Арабија продолжи со своите воени напади врз Јемен.
Тој рече дека таков потег би можел да ги зголеми цените на нафтата на 200 долари за барел. Хутите веќе ја покажаа својата способност да ја нарушат глобалната трговија кога почнаа да напаѓаат трговски бродови во Црвеното Море по избувнувањето на војната во Газа во 2023 година.
Новата закана доаѓа еден ден откако американската војска објави дека почнала нов бран напади врз ирански воени цели, за кои рече дека имале за цел да ја намалат способноста на Иран да напаѓа трговски бродови во Ормутскиот теснец.
Американската војска вели дека Иран нападнал седум трговски бродови во изминатата недела, при што неколку членови на екипажот се мртви, исчезнати или повредени.
Централната команда на САД (CENTCOM) објави дека десетици воени цели во близина на Ормускиот теснец и на иранскиот брег биле погодени за време на седумчасовната операција. Иранската револуционерна гарда објави дека Ормускиот теснец ќе остане затворен „до крајот на американското зло“.
Во исто време, тврди дека како одмазда ги нападнала логистичките и воените објекти на Петтата флота на САД во Бахреин, логистичкиот центар во кувајтското пристаниште Мина Абдула и американската база Азрак во Јордан. Кувајтските власти потврдија дека пожарот во еден од погодените објекти е ставен под контрола, додека Јордан објави дека пресретнала и соборила три ирански балистички ракети преку ноќ.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп се закани со нови напади врз иранските енергетски објекти и мостови доколку Техеран не ги продолжи преговорите, пишува tportal.
foto printskrin youtube