Ако и денес не се објават снимки, Ангелов утре ненасилно влегува во МТВ
Лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов најави, доколку и денеска до полноќ МРТВ не објави аудио снимки од телефонските разговори кои ги објавува опозицијата, утре на пладне заедно со него да влезат во телевизијата и да учествуваат во нејзиното ослободување.
-Ако денеска до крајот на работното време, Јавното обвинителство не каже врз основа на која одлука го заснова нивното соопштение со кое што индиректно и забранува на македонската телевизија да ги емитува “бомбите“ ќе сметаме дека соопшетнието е ништовно, и тоа ќе биде доказ на нашата информација дека не постои таква одлука, рече Ангелов пред медиумите.
Тој потенцираше дека очекува вечерва во централните вести на Националниот сервис да биде пуштен еден подолг прилог со клучните моменти за досегашните објавени „бомби“.
-Доколку МРТ не ги емитува снимките, тоа значи дека уредникот самоволно ги крши уставот и законите, а крши и повеќе постоечки закони во Македонија, рече Ангелов.
Тој вечерва излегува повторно пред МТВ на поголем протестен собир како што го нарече генерална проба, а утре во 12 часот ги повика сите граѓани да му се придружат и да влезат внатре во телевизијата и цело попладне да пуштаат делови од бомбите.
-Ќе влеземе ненасилно, без употреба на насилство, со љубов и со разбирање . Нема да имаме никаков конфликт, а нашите снимки ќе бидат емитувани, истакна на крај лидерот на Достоинство.
