Ако до задутре не ја завршат оваа обврска на фирмите им следи казна
Среда е рокот до кога фирмите на своите вработени треба да им издадат збирна пресметка за исплатени приходи, персонален данок и придонеси.
Ако не го сторат тоа, тие ќе плаќаат глоба од 3,000 евра, а за одговорното лице казната изнесува 30% од одмерената глобата, информираат од Управата за јавни приходи. Овие пресметки се неопходни за граѓаните да можат да поднесат Годишна даночна пријава. Задолжително пријава се поднесува ако во изминатата 2016 година лицата освен плата или пензија или приходи од земјоделска дејност, имале и други, дополнителни , како приходи од кирии, авторски права, индустриска сопственост, исплатена дивиденда, капитална добивка од движен и недвижен имот, приходи остварени преку интернет, примања од странство или некои други дополнителни приходи надвор од редовната плата или пензија.
Кај игрите на среќа, како лотарии, наградни игри, квизови и слично чии добивки се поголеми од 5,000 денари, задолжително треба да ги пријават во УЈП. За останатите приходи остварени од казина, спортска прогноза или автомат клубови – не се поднесува даночна пријава. За овие добивки данокот го плаќаат обложувалниците и казината.
Лани во Управата за јавни приходи пристигнаа околу 380.000 даночни пријави. Бројката и за годинава се очекува да биде приближно иста . Лицата кои нема да поднесат даночна пријава, ќе плаќаат казни од 100 до 200 евра.
