Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ако депозитите растат, што е со кредитите?

Ако депозитите растат, што е со кредитите?

Во јуни 2019 година, кај паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2 ) е остварен месечен раст од 0,8%, главно како резултат на зголемувањето кај депозитните пари, по што следуваат краткорочните депозити и готовите пари во оптек, при мал пад кај долгорочните депозити до 2 години, oбјави Народна банка. 

Споредено на годишна основа, растот на паричната маса изнесува 9,2%. Годишната промена е условена од раст кај сите компоненти на паричната маса, каде што најголемо влијание имаат депозитните пари (учество од 65,8%), следени од краткорочните депозити, готовите пари во оптек и долгорочните депозити до 2 години.

Во јуни, вкупните депозити бележат месечен раст од 0,9%, којшто е резултат на растот на депозитите кај двата сектора. На годишна основа, растот на вкупните депозити изнесува 10,5%. Годишната промена е резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, при малку поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства“. 

„Вкупните кредити, овој месец, се зголемија за 0,7% на месечно ниво, што произлегува од зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства“, а во помала мера и од зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор. Анализирано на годишна основа, растот на кредитите изнесува 8,1% и е резултат на кредитирањето на банките на двата сектора“, стои во соопштението. 

Во јуни 2019 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија месечен раст од 1,3%, којшто произлегува од растот на депозитните пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, при мал пад кај долгорочните депозити во странска валута. Стапката на годишен раст на депозитите изнесува 10,1% и е резултат на зголемувањето на сите категории, со најголем придонес на депозитните пари коишто објаснуваат две третини од растот. 

„Кај кредитите на корпоративниот сектор, во јуни, е евидентиран благ месечен раст од 0,2%, којшто во целост се должи на зголеменото кредитирање во странска валута. Гледано на годишна основа, остварен е раст од 6,4%, за што најголем придонес имаат кредитите во домашна валута“, се додава во соопштението. 

Вкупните депозити на домаќинствата забележаа месечен раст од 0,4%, во најголем дел заради растот на депозитните пари, како и растот на орочените депозити во денари и во странска валута. Годишниот раст изнесува 9,0% и произлегува од зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари и во странска валута.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории – потрошувачките и станбените кредити е забележан месечен раст од 1,5% и 1,0%, соодветно, при годишно зголемување од 12,0% и 12,9%, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити забележаа месечен пад од 1,2%, при годишен раст од 4,0%, додека кредитите одобрени на кредитни картички на месечно и на годишно ниво остварија намалување од 0,4% и 1,5%, соодветно. Негативните салда на тековните сметки забележаа месечен и годишен раст од 1,9% и 2,7%, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи остварија месечен раст од 0,4%, при истовремен годишен пад од 8,2%. 

Слично

Поврзани вести