Економија, финансии, бизнис

Контакт

Акцијата на „Струмица Табак“ е најдобитна дивидендна акција!

Акцијата на „Струмица Табак“ е најдобитна дивидендна акција!
Споредбата на дивиденди приноси со последни берзански цени покажува дека годинава „Струмица табак“ е убедливо најдобитна акција со принос на вложени средства од 14,3 отсто! Акцијата на „Струмица табак“ годинава е најдобитна акција во споредба со сите акции што носеа дивиденда за 2013 година. Износот на дивидендата во споредба со последната берзанска цена на таа акција носи принос од 14,3 отсто на вложените пари. Ако споредиме со просечните банкарски годишни камати на депозити овој принос е барем двојно повисок од каматата што за вложеното би ја дава некоја од домашните деловни банки. Последната цена на таа акција на берзата беше 850 денари, а тргувањето беше реализирано на 13 мај годинава. Струмичката компанија за откуп на тутун годинава беше многу подарежлива кон своите акционери во споредба со другите македонски компании чии акции котираат или се тргуваат на Македонската берза. Акционерите на „Струмица табак“ одлучија да поделат по 121,5 денари нето дивиденда за секоја акција. Ова е прв пат, според официјалните податоци достапни на Македонската берза, таа компанија да дели дивиденда барем во периодот за деловните години: 2011, 2012 и 2013. Најголемиот акционер – грчката компанија „Лиф Тобако Михалидис“ која поседува 83,38 отсто од сите акции од дивиденда на својот капитал во „Струмица табак“ ќе добие речиси 9,2 милиони денари (околу 150.000 евра). Во таа компанија акции имаат 113 домашни физички лица кои заедно поседуваат 5.654 акции со право на глас. Тие македонски државјани меѓу себе ќе поделат околу 11.000 евра за акциите што ги поседуваат во „Струмица табак“, а кои изнесуваат 6,2 отсто од сите акции со право на глас. Анализата на берзанските трансакции со таа акција укажува на можноста дека некој или некои доброинформирани инвеститори ја искористиле предноста на информациите што можеби ги поседувале. Првата драстична разлика во обем на тргување на оваа многу ниско ликвидна акција се случил на 21 февруари годинава кога биле истргувани 500 акции по цена од 404 денари за акција. Пет дена подоцна биле истргувани уште 400 акции на цена од 505 денари за акција. И за неполн месе по тоа уште два трговски дена со значителни истргувани износи. Прво на 24 март годинава биле истргувани 972 акции по цена од 810 денари за акција, а на 26 март уште 486 акции по цена од 657 денари за акција. Значи во четири трговски дена во период пократок од еден месец биле истргувани вкупно 2.358 акции што претставува 2,6 отсто од сите акции на таа компанија. Овој обем на тргување претставува 94 отсто од сите акции од таа компанија што се истргувале во период од една година (односно од 18 јуни лани до 17 јуни годинава).
Слично

Поврзани вести