Акциите на MOL пораснаа за 26 проценти по договорот за мнозински удел во НИС
Акциите на унгарската енергетска компанија MOL пораснаа за 26 проценти од почетокот на годината по веста дека компанијата презема мнозински удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС), што инвеститорите го гледаат како стратешки потег што ја зајакнува регионалната енергетска позиција на групацијата.
Акциите на MOL пораснаа за 6,7 проценти минатата недела, а цената на акциите во еден момент достигна историски максимум од 3.922 форинти (повеќе од 10 евра).
MOL потврди дека ќе купи 56,15 проценти од акциите во NIS од руските сопственици Газпром и Газпромнефт, додека енергетската компанија ADNOC ќе учествува како малцински партнер во заедничкото вложување.
Главниот директор за стратегија на MOL, Ѓерѓ Баца, изјави дека веќе е потпишано обврзувачко писмо за намери со руската страна, додека се очекува трансакцијата да биде завршена до крајот на март, објавува Daily News Hungary.
Според него, потпишан е и меморандум за разбирање со српската влада, со кој се потврдува институционалната поддршка за влезот на MOL на српскиот пазар.
Договорот бара одобрение од неколку регулаторни тела, вклучувајќи руски и американски институции, додека Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (OFAC) ја продолжи привремената лиценца за работа на NIS, што ѝ овозможува на рафинеријата во Панчево да работи за време на процесот на преземање, објавува Танјуг.
Во исто време, српската држава планира да го зголеми својот удел во NIS од 29,9 проценти на 34,9 проценти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека унгарскиот MOL ќе стекне 56 проценти од акциите на НИС за цена помеѓу 900 милиони и 1 милијарда евра.
Фото: Принскрин/Икс