AikGroup ја презема Подравска банка: Прва инвестиција на хрватскиот пазар
AikGroup објави дека склучила договори за купопродажба на акции со цел стекнување на 613.567 акции од Подравска банка, што претставува околу 91,75 отсто од нејзиниот основен капитал. Договорената цена изнесува 68,8 евра по акција.
Завршувањето на трансакцијата, кое се очекува во наредните месеци, ќе зависи од добивањето на сите потребни регулаторни одобренија од Хрватска народна банка, Европска централна банка, како и од надлежните институции за заштита на конкуренцијата, согласно прописите за контрола на странски инвестиции во повеќе земји од регионот.
По завршувањето на процесот, AikGroup ќе има обврска да објави понуда за преземање и на преостанатите акции, во согласност со законската регулатива.
AikGroup се позиционира како водечки финансиски холдинг во Југоисточна Европа, со компании во својот состав како AikBank, AikLeasing и MV Investment во Србија, Gorenjska банка и GB Leasing во Словенија, како и Хипотекарна банка во Црна Гора. Групацијата брои повеќе од 3.200 вработени и нуди широк спектар финансиски услуги.
Според последните податоци, заклучно со 31 декември 2025 година, вкупната актива на AikGroup надминува 10 милијарди евра, со капитална база од околу 1,4 милијарди евра. Седиштето на групацијата е на Кипар.
Оваа аквизиција претставува прво вложување на AikGroup на хрватскиот пазар. Од компанијата истакнуваат дека Подравска банка, со повеќе од 150 години традиција, има силна улога во поддршката на регионалниот развој и малите и средни претпријатија, како и значајна позиција во локалната заедница.
- -Ова е втора последователна година на географско проширување на AikGroup и важен чекор во реализацијата на нашата стратегија. Целта е да изградиме значајно присуство во Југоисточна Европа, а со оваа аквизиција ќе влеземе на четврти пазар, односно втор во рамки на Европската унија – изјави претседателот на Управниот одбор Разван Мунтеану.
Подравска банка, со седиште во Копривница, има 21 филијала низ Хрватска и повеќе од 200 вработени. Според финансиските извештаи, во 2025 година остварила вкупни приходи од 25,5 милиони евра, што е намалување од 8,7 отсто во однос на претходната година.
