Ахмети се сретна со Бејли и Орав: Иванов целосно да ја повлече одлуката за помилување
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска на средба со амбасадорот на САД, Џес Бејли и амбасадорот на Европската Унија, Аиво Орав истакнал дека Иванов треба целосно да ја повлече аболицијата без никакво одлагање.
Тој додава дека ДИК треба да ја заврши својата работа без опструкции. Ахмети со амбасадорите разговарал за политичката криза во државата и за нејзино надминување.
„Лидерот Ахмети зборуваше за ставовите на Демократската унија за интеграција и побара Иванов целосно да ја повлече одлуката за помилување без никакво одлагање. Ахмети исто така, ја истакна непосредната потреба Државната изборна комисија да ја заврши својата работа со прецизност, во согласност со закон и без взаемна опструкција. Говорејќи за реформите, Лидерот на ДУИ повтори дека Договорот од Скопје е во функција“ - се вели во партиското соопштение.
Се наведува дека законските обврски кои произлегуваат од овој договор треба да бидат усвоени со широк консензус.
