Ахмети до македонската јавност: Време е за НАТО!
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку колумна во весникот Дневник порачува дека конечно е дојдено време за решение за спорот за името и за деблокирање на македонските евроатлантски интеграции.
Ахмети пишува дека треба да се искористи добиениот простор по изборите за да се донесат големи и значајни одлуки за Македонија.
„Две децении по независноста на Македонија од југословенската федерација, 20 години по зачленувањето во ОН и 12 години од Охридскиот договор, како и по успешната транзиција при која поминавме низ многу нешта, верувам дека сега е времето за големи одлуки“, пишува Ахмети.
Според Али Ахмети, залагањата за темелни промени не ретко се обесхрабрувачки на прв поглед, но, како што пишува во колумната, за него и за мнозинството што им посакуваат добро на народот и на земјата, не станува збор за дилема дали треба да се движиме кон евро-атлантските интеграции.
Дури, ми се чини дека и утре е веќе доцна, вели Ахмети.„Ако некој се повикува на зрелост, патриотизам, граѓански интерес, рационалност, а зошто и да не и на идентитетска определеност, велам дека не треба да имаме повеќе ниту една дилема дека токму сега е моментот Република Македонија и нејзините граѓани, со тие што ги носат одлуките да го направат потребниот чекор. За некого, ова може да биде чувствително, идентитетско прашање. Но, како што нагласив, за една земја, определбата со какви вредности посакува да живее и да се претставува, исто така преставува дел од идентитетот“, пишува Ахмети во колумната. Ова не е прашање за дискусија, смета лидерот на ДУИ и порачува дека за секоја голема цел, треба да се донесе и една голема одлука. И за двете работи, вели Ахмети, потребна е храброст, заедничка храброст. „Ние имавме трпение, разбирање за чувствата на мнозинството, за чуствителноста и одговорноста на нашите политички владејачки партнери, но и регионално и меѓународно разбирање. Чекавме со голема одговорност и разбирање. Но, дојден е момент кога не треба да отсуствуваат храброста и одлуката за да се направи с` што е наша одговорност за да ја отстраниме секоја пречка за да бидеме таму каде што треба да бидеме – во Северноатлантскиот сојуз. За нас, оваа одлука не може да има алтернатива“, завршува Ахмети во колумната за Дневник.
Слично
