Економија, финансии, бизнис

Контакт

Агонија во текстилната индустрија, следуваат отпуштања: Се бара решение за исплата на субвенционираните плати

Агонија во текстилната индустрија, следуваат отпуштања: Се бара решение за исплата на субвенционираните плати

Три илјади луѓе поранешни вработени во текстилната индустрија останле без работа во текот на минатата година, а уште на околу 20 отсто од нив им се закануваат отпуштања, изјави Претседателот на Здружението на текстилна и кожарска индустрија при Стопанската комора на Македонија, Ангел Димитров. Тој вели дека домашните фабрики или не работат или работат со намален капацитет, а во претстојниот период компаниите очекуваат пад на продажбата за 50 отсто и дополнително откажување на нарачките.

 Дополнително субвенциите за исплата на февруарските и мартовските плати уште не се изгласани во Собранието. 

„Во јануари годинава веќе нема воопшто нарачки за извоз поради дополнителните затворања на европските држави, пред се Германија, Италија и Англија. Според најавите и проценките на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни повеќе од шест месеци за нормализирање на нарачките од странство и на производството, а тоа би значело нов период на намалена економска активност, профитабилност и ликвидност“, рече Димитров.

Вели дека поради неносењето на законот за поддршка Владата треба да размисли за некакво преодно финансиско решение во интерес на вработените и зачувување на работните места.

Тој е информиран дека собраниската седница на чиј дневен ред е Законот за финансиска поддршка на плати треба да се одржи на 23 март.

„Со оглед дека веќе се доцни, компаниите до 15 март мораа да ги исплатат платите, неопходно е во овој Закон да се предвидат одредби со кои би се одложиле роковите за поднесување на барањата за финансиска помош и за поднесување ипсправка на образецот за февруари. Уште еднаш ги повикувам пратениците, за вакви прашања каде што не смее да има партиски интереси, заедно да ги донесат мерките кои се од интерес за граѓаните, рече Димитртов.

Според статистичките показатели, текстилната и кожарската индустрија во вкупното индустриското производство на државава учествуваат со 12,82 отсто, а во вкупниот извоз со околу 10 отсто. Поради ковид кризата, индустриското во 2020 година кај текстилот и облеката има намалување за околу 14 отсто во однос на 2019 година, а намалувачкиот тренд продолжи и во јануари 2021 година, за 23 отсто во споредба со јануари 2020 година. Извозот на текстил, облека и кожарски производи во 2020 година бил во вредност од  493 милиони евра, за 10,6 отсто помалку од една година претходно.



Слично

Поврзани вести