Агенцијата за разузнавање: Исмаили е разрешен зашто во систематизацијата не постои заменик-директор
Заменик-директорот на Агенцијата за разузнавање, Мухамед Исмаили, согласно новиот акт за систематизација на работни места согласно своето образование и стручна подготвка е распореден на раководно место во Агенцијата, информираше денеска Агенцијата за разузнавање.
Соопштението од Агенцијата уследи откако Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвини дека претседателот Ѓорѓе Иванов го разрешил Исмаили.
Во меѓувреме соопштение објави и кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов дека ДУИ реагира на погрешна адреса.
Од Агенцијата за разузнавање објаснуваат дека освен директорот на Агенцијата, кој согласно член 4 од Законот за Агенцијата за разузнавање се именува и разрешува од страна на Претседателот на Република Македонија, сите други работни места и распоредувања на работници се согласно актот за систематизација на работни места на Агенцијата. Систематизацијата ја носи директорот на Агенцијата со претходна прибавена согласност од Владата.
„Заменик директорот на Агенцијата од 2003 до 2015 година ги вршеше работните задачи согласно старата систематизација на работни места. Тој бил поставен од директорот на АР, како дел од професионалниот состав на работници во Агенцијата. Тоа работно место и тогаш не било функционерско, со оглед дека местото заменик директор не постои во законот за АР. Согласно новиот акт за систематизација на работни места, досегашниот заменик директор, согласно своето образование и стручна подготвка е распореден на раководно место во АР“, се вели во соопштението на Агенцијата.
ДУИ претходно, преку соопштение го оцени разрешувањето на Исмаили како непринципиелен чекор, направен од политички мотиви, а не поради професионални причини.
Слично
