Економија, финансии, бизнис

Контакт

Aгенда за реализација на зацртаните активности на КИФ(III дел)

Aгенда за реализација на зацртаните активности на КИФ(III дел)

Во насока на креирање на Единствена Регионална Економска област (РЕО), со цел соединување на регионот и овозможување на заеднички напредок на бизнис заедниците и економиите на шесте земји од регионот на Западен Балкан, во агендата на Коморскиот инвестициски форум- КИФ, јасно е дефиниран и ставот за овозможување на слободно движење на луѓето во регионот, односно дозвола за луѓето од регионот да патуваат, студираат и работат во регионот без дополнителна документација (патување без пасош, само со лична карта) и премногу администрација.

Решавањето на ова прашање потенцијално ќе доведе до креирање заеднички пазар на труди до одредено ниво ќе ги реши проблемите на регионот со невработеноста. Во регионот на Западен Балкан постои голема стапка на невработеност со тоа што најниската е во Албанија (13.8%), потоа следуваат Србија (14.1%), Црна Гора (16.1%), Босна и Херцеговина (20.5%), Северна Македонија (22.4%), а највисоката стапка на невработеност за 2017 година се бележи во Косово (30.5%).

Покрај големите стапки на невработеност, земјите од Западен Балкан се соочуваат и со проблем во рангирањето според можноста да ги задржат талентираните луѓе во своите земји . Слободното движење на луѓето низ регионот ќе придонесе кон спречување на одливот на високообразован кадар,преку отворање повеќе можности во рамките на регионот:

* Отстранување на бирократските и административните пречки (без работни дозволи, дискриминација за жителите на која било земја од регионот) за да се овозможи мобилност на професионалците низ целиот регион со тоа што ќе има заемно признавање на договорите за професионални квалификации во заеднички дефинираните сектори кои се од клучна важност за регионалните стопанства. Ова треба да се земе предвид заедно со тоа дека соработката меѓу земјите треба да се спроведе на таков начин што ќе даде поддршка на мерките преземени од секоја земја засебно за да се гарантира хармоничен развој на вработувањето и да се осигура дека миграторните движења меѓу земјите нема да ја нарушат рамнотежата во тие земји.


* Овозможување на автоматско признавање на академските квалификации за сите професии во рамките на регионот.


* Создавање на мултилатерални договори за социјално осигурување и признавање на пензиските фондови за одредени сектори за да се овозможи поголема флексибилност и мобилност на работната сила во рамките на регионот.


* Отстранување на пречките за мобилноста на студентите, научниците и академиците низ регионот за да се овозможи трансфер на знаење, соработка во рамките на академската заедница во регионот што ќе доведе до поголемо ниво на иновација, истражување и развој, итн.


* Отстранување на барањата за виза за туристи што го посетуваат регионот за да се овозможи поголема мобилност на туристите во рамките на регионот.


* Изготвување на регионална стратегија за усогласени образовни системи со проекции за идните потреби на пазарот на трудот.

Дел од агендата на КИФ за поврзување на регионот се состои и од иницијативата за креирање заедничка регионална стратегија за енергетика. Креирањето на ваква стратегија особено во областа на производството/трговијата со електрична енергија може да резултира со тоа што ќе го направи регионот поодржлив, а со тоа и енергијата ќе биде посигурна со оглед на тоа што ќе се заснова на сопствени извори.


Фокусот на обновливата енергија треба да го направи регионот поеколошки и енергетски поодржлив.Со цел спроведување на оваа стратегија, потребно е:

* Усвојување на стратегија за оптимизација на ресурсите и капацитетите за производство, но исто така и инвестиции во капацитетите за производство на регионално ниво.


* Либерализација на регионалниот пазар на електрична енергија.


* Еден од приоритетите би требало да биде и стандардизацијата на регионално ниво за инвестиции во обновливи извори на енергија (согласно практиките на ЕУ) што ќе доведе до привлекување на повеќе инвестиции во овој сегмент во регионот.


* Стимулации за електрични возила и полначи за да се обезбеди побрз развој на областа на Западен Балкан, во единствен еколошки регион. 


Потребно е активно да се работи на создавање на услови за креирање на целосно функционална РЕО, што ќе придонесе за побрз раст и развој на економите и бизнис секторите на сите земји од регионот на Западен Балкан. Со имплементација на активностите зацртани во агендата на КИФ, регионот ќе стане поконкурентен на глобалната инвестициска мапа и ќе се створат можности за активна соработка и пласман на производите од ЗБ на пазарите на земјите од ЕУ но и пазарите на САД, Блискиот Исток и МАГРЕБ и др.

м-р Сања Николова, 
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија

Слично

Поврзани вести