Економија, финансии, бизнис

Контакт

Агенцијата за туризам ќе контролира каков инвеститор ќе најде Општина Сарај за ТРЗ „Треска“

Агенцијата за туризам ќе контролира каков инвеститор ќе најде Општина Сарај за ТРЗ „Треска“

Општина Сарај може да бара инвеститори, но Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе контролира дали тие ги исполнуваат условите за новоформираната туристичка развојна зона „Езеро Треска“ и за тоа ќе ја брифира Владата.

Според деталите во одлуката на Владата за формирање на ваква зона кај спортско-рекреативниот центар, земјиштето од 79 хектари е на државата, па според тоа, формирањето, развојот и следењето на зоната ќе ги врши Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Законски, со земјиштето управува агенцијата и истата може да го иницира оттуѓувањето.

Љупчо Јаневски, директорот на агенцијата, вели дека досега имало девет обиди, но не се реализирала ниту една туристичко-развојна зона, од кои најфамозна е онаа во Љубаништа каде што требаше да инвестира индискиот милијардер Субрата Рој.

Јаневски вели дека агенцијата ќе ги поставува критериумите, додека повеќе труд  за контакти со потенцијални инвеститори треба да вложи Сарај за центарот кој суштински не функционира од 2018.

- Во овој проект се врзани повеќе инвестиции, како што се Агенцијата за катастар, Агенцијата за планирање на простор, Министерството за економија, ЗЕЛС, но последниот збор го има Владата. Некој потенцијален инвеститотр можеби ќе понуди и 50 милиони евра, но на крајот се зависи од тоа дали Владата ќе даде позитивно мислење, вели Јаневски.

Тој вели дека планот на инвеститоторот може да биде флексибилен, но ќе мора и да ги исполнува условите на агенцијата. Според Јаневски, ѓќе следуваат и ред други процедури како јавни презентации, формирање работни групи и јавна лицитација за земјиштето.

- Таму може да има казино, бунгалови и ред други работи, но по мое видување, средината треба да биде еколошки настроена, односно да се овозможат услови за риболов и за велосипедизам, гастрономија, обновливи извори на енергија, независно од тоа што треба да се изгради пат, да се донесе вода и ред други инфраструктурни поврзувања, додава Јаневски.

Тој вели дека не може да знае какви содржини ќе има во туристичката развојна зона , затоа што просторниот план допрва треба да се изработи. Агенцијата секој инвестициски предлог што ќе пристигне ќе треба да го достави на разгледување до Владата.

Oколу езерото Треска треба да почнат да се градат хотели, бунгалови и трговски центри кои се предвидени со Деталниот урбанистички план кој го донесе Општина Сарај лани во декември. Планот е поделен во четири зони, од кои првата како главна е околу езерото.

А.К.

Слично

Поврзани вести