АГЕНЦИЈАТА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ТУРИЗМОТ ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА: еве кој ќе биде задолжен за субвенциите во секторот
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот наскоро ќе престане да постои, а обврските кои ги имаше во насока на субвенционирање на туристичките посети поминуваат под капата на Министерството за култура и туризам.
Во Собранието веќе е доставен закон со кој Министерството за култура, продолжува да работи како Министерство за култура и туризам, а со законските измени Министерството добива ингеренции за интегрално планирање на развојот на туризмот. Тоа опфаќа развој и одржливо користење на туристички простор, промоција на туризмот на домашниот и странскиот пазар, подобрување на конкурентноста на туристичките места и производи, истражување на туристичкиот пазар и развој на туристички информациски систем, како и уредување на условите за вршење на дејноста на туристичките агенции.
- Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност, се постапува согласно Заклучокот на Владата согласно кој се задолжува Министерството за култура и туризам до Владата да достави Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност и Предлог на закон за престанување на важење на Законот за основање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија– пишува во законското решение доставено до пратениците.
Во него е појаснето дека Владата со Закон ја основа Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, согласно кој се уредени нејзините надлежности, организација и работење. Со Законот меѓу надлежностите на Агенцијата беа професионално презентирање на туристичката понуда, изготвување анализи за потенцијалите на домашниот и странскиот туристички пазар, подготвување и реализација на Програмата за промоција и поддршка на туризмот, изготвување анализи за постигнатите резултати од спроведување на Програмата, спроведување постапка за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет во Македонија, формирање и развивање единствен туристичко информационен систем и негово поврзување со други информативни системи во земјата и странство, соработување со туроператори за привлекување на што поголем број на туристи, активно промовирање на вкупниот туристички потенцијал ...
Предлачите потенцираат дека целата на промената е поттикнување на странскиот организиран туристички промет, побрз развој на туризмот и формирање на поконкурентни цени на туристичките аранжмани за странски туристи.
Воедно со новината се планира вршителите на туристичка дејност и туроператорска дејност да поднесат барање за добивање на субвенции за престој на странски туристи до Министерството за култура и туризам, што исто така може да го направат и во електронска форма со употреба на средство за електронска идентификација преку Националниот портал за електронски услуги, согласно со прописите од областа на електронското управување и електронските услуги и од областа на електронски документи, електронска идентификација и доверливите услуги.
- Министерот за култура и туризам донесува решение за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето и потребната документација. Министерот ги пропишува начинот, видот и висината на субвенциите, пропишува формата и содржината на барањето за добивање на субвенции и потребната документација. Средствата за субвенции се обезбедуваат од Буџетот и други извори согласно закон. Министерството за култура и туризам води Регистар за поднесени барања и издадени решенија за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет– е пропишано во законот.
Воедно министерот ги пропишува формата, содржината и начинот на водење на Регистарот за поднесени барања и издадени решенија за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет.
П.О.
