АГЕНЦИЈА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОДЗЕМЕН ИМОТ СЕ ЗАЈАКНУВА – ќе вработуваат 17 нови лица, дел од платите скоро до 50 илјади денари
Агенцијата за управување со одземен имот објави огласи за вработување на вкупно 17 нови лица. Огласите кои се поставени на веб страната на Агенцијата за администрација, но објавени и во дел од домашните печатени медиуми, откриваат дека Агенцијата во следниот период би пополнила 17 работни места.
Условите за пријавување на огласите се горе доле слични како и за повеќето државни функции. Се бара кандидатите да се државјани на Македонија, активно да го користат македонскиот јазик, да се полнолетни, здравствено способни и без судска забрана за вршење професија.
Дополнително, потребни се: активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, положен испит за административно управување, активно познавање на англиски, француски или германски јазик и положен правосуден испит.
Се бара идните членови на семејството на Агенцијата за управување со одземен имот да имаат високо образование, за дел од позициите работното искуство не е задолжително, но за дел е задолжително.
Од огласите може да се види дека платите за овие различни позициите се движат од 27 илјади денари, до 50 илјади денари.
Едната позиција која ќе се пополнува е Помлад соработник за материјално - финансиско работење, а од кандидатите не се бара работно искуство, и се нуди нето плата од 30.240 денари. За оваа позиција се потребни двајца извршители, односно две нови лица ќе бидат вработени.
Се бара и Советник за буџет и буџетска контрола кој мора да има три години работно искуство, а ќе биде платен месечно со нето плата од 36.183 денари.
Со овој оглас ќе се пополнува и позицијата Помлад соработник за буџетска контрола, за која не е потребно искуство, а платата ќе биде 30.240 денари.
Повисока плата ќе има идниот Раководител на одделение за преземање и евиденција на одземен имот, за што е предвиден нето износ од 40.300 денари. Лицата кои се заинтересирани за оваа позиција мора да имаат најмалку 4години работно искуство во струката од кои најмалку 1 година на работно место во јавен сектор, или најмалку 6 години работно искуство во струката од кои најмалку 2 години на раководно работно место во приватен сектор.
Се бара и Советник за вработување и мобилност,кој треба да има три годишно искуство во областа, и ќе добива месечен надомест благо над 36 илјади денари.
Најдобро платено ќе биде лицето кое ќе биде вработено на позицјата Раководител на сектор за финансиски прашања. За оваа работна позиција меечниот надомест ќе достигнува благо над 49 илјади денари. Сепак, заинтересираните мора да имаат „дебело“ искуство, поточно најмалку 5години работно искуство во струката од кои најмалку 2 години на раководно работно место во јавен сектор. Или најмалку 8 години работно искуство во струката од кои најмалку 3 години на раководно работно место во приватен сектор.
Повеќе околу позициите за кои се бараат кандидати, но и условите кои треба да ги исполнат лицата на веб страната на Агенција за администрација.
Работното време за сите позиции е слично, осум часа во текот на денот од понеделник до петок.
Сите кои се заинтересирани за пријавување ќе мора да забрзаат со апликациите, огласите истекуваат за неколку дена. Поточно дел од нив на 20, а друг дел на 21 март. Сите детали на веб страната на Агенцијата за администрација.
По изборите има драстичен раст на огласи за вработување во државните институции. Покрај пополнувањето на разни позиции во основни училишта, се бараат лица и за во општините, но и државни институции како Фискалниот Совет, Собранието, Министерството за транспорт, Министерство за финансии...
П.О.
