АФЕРА „ПАСОШИ“: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања
Медиумски се манипулираат доказите за аферата „Фабрика за пасоши“ што ја откри весникот „Фокус“, а институциите и по повеќе дена немаат волја да го расчистат овој случај, обвинува опозицискиот СДСМ.
Фросина Ременски од СДСМ ја поврза оваа афера со исчезнатите АФИС-системи при набавка на нови лаборатории за високообразовните институции.
„Повеќе од година и пол Јавното обвинителство за организиран криминал, кое во отсуство на волја од страна на МВР да се самоистражи, го одлага одлучувањето по кривичната пријава за организирано изигрување на тендерот на Министерството за образование и наука (МОН), фингирана постапка за добивање на опрема вредна повеќе од 3,2 милиони евра и за злоупотреба на службена положба “, вели потпретседателката на СДСМ Ременски.
„Склучениот договор за доделување на јавната набавка и договорот за јавната набавка помеѓу МОН и фирмата добавувач, вели таа, е во висина од близу 2,5 милиони евра. Во официјален одговор на МВР, на прашањето колку чини опремата е дека, вредноста на опремата изнесувала 737.292 евра. Ова е три пати помала сума од вредноста на јавната набавка. Тогаш каде исчезнаа преку 1,7 милиони евра?“, праша Ременски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквите обвинувања се „доказ за очигледниот хаос кој владее во СДСМ“.
„Со денешната прес конференција Фросина Ременски го демантираше она што претходно во СДСМ го кажаа. Еднаш велат АФИС системот служи за печатење на пасоши, а сега велат за прибирање на биометриски податоци. Со ова Потпретседателот на СДСМ Фросина Ременски ги поби тврдењата на партијата СДСМ дека постои фабрика за печатење на пасоши со АФИС систем. Ова покажува со каков тотален дилетантизам и потценување на интелегенцијата на секој просечно паметен човек се служи СДСМ кога се обидува да исконтруира една манипулација“, велат од владејачката партија.
„Прво овој систем не е украден, постои само еден и тој го поседува МВР. Тоа е јавно и може да се провери. Второ, од огласот за јавна набавка во кој се барале добавувачи за три лабаратории, избран е само еден добавувач за една лабараторија. Значи за другите две лабаратории постапката е поништена. Се е чисто и транспарентно и целосно во согласност со законската процедура“, објаснува ВМРО-ДПМНЕ.
Слично
