АЕК ја брани МРТВ, опозицијата реагира
Денеска беше одбиено барањето на новинарот Зоран Фиданоски, Агенцијата за медиуми да испрати барање до јавниот сервис МРТ, со кое ќе укаже дека е неопходно објективно и професионално известување околу аудиоснимките што ги објавува опозицијата.
Образложението на АЕК е дека тоа би било мешање во уредувачката политика на Јавниот сервис а мислењето на Агенцијата го поддржаа и четворица членови, а двајцата членови од албанска националност беа воздржани.
Од опозицијата по реагираат за ова прашање сметајќи дека мнозинството во Агенцијата за медиуми денеска потврдило дека и ова регулаторно тело е партиско тело контролирано од еден центар, канцеларијата на Никола Груевски.
„Срамна и недозволива е денешната одлука што ја донесоа членовите под контрола на Груевски, со којашто е отфрлен предлогот да се побара од МРТВ објективно и професионално известување, во услови кога националниот сервис ги крши основните законски обврски за придржување кон начелата на вистинитост, политичка избалансираност, презентирање важни информации од интерес на граѓаните“, стои во реакцијата на опозицијата.
Понатаму во реакцијата на СДСМ се вели: „Одлуката на Агенцијата за медиуми покажува дека не само институциите во Македонија, туку и регулаторните тела како што е ова тело, ДИК, Државната комисија за спречување на корупцијата, се под окупација на Груевски и тесната група околу него и не можат да работат според должностите утврдени со закон, како контролни механизми на злоупотребите од страна на власта“.
