Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Адора инженеринг“: Бараме правна заштита во односите со БЕГ

„Адора инженеринг“: Бараме правна заштита во односите со БЕГ

„Адора инженеринг“, компанијата на бизнисменот Ванчо Чифлиганец која на јавна лицитација ги купи топланите Исток и Запад, тврди дека во моментов лиценциран производител на топлинска енергија во главниот град е БЕГ, по поплаките во јавноста.

„Адора инженерингДООЕЛ Скопје“ на никаков начин не е вклучена во оперирањето со производството и испораката на топлинска енергија во градот Скопје и нема никакво влијание и контрола врз квалитетот на истата. По реакциите на граѓаните за квалитетот при испораката на топлинска енергија во градот Скопје, сакаме да ја информираме јавноста дека „Адора инженеринг“ нема никакви ингеренции и улога во производството и испораката на топлинска енергија, а со тоа и во настанатата ситуација“, велат од компанијата на Чифлиганец.


Според „Адора инженеринг“, групацијата „БЕГ АД Скопје“ е единствен правен субјект кој го менаџира производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во главниот град.

„Сакаме да потенцираме дека во овој момент, „Адора Инженеринг“ и БЕГ немаат воспоставено никаков партнерски однос. „Адора инженеринг“ во септември 2021 година ги купи од „Топлификација АД во стечај“, топланите Исток и Запад и основните средства за производство на топлинска енергија. До денешен ден, овие основни средства не се предадени на „Адора инженеринг“ и со нив управува „Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“, фирма ќерка на групација „БЕГ АД Скопје“.

До овој момент БЕГ нема партнерски однос за топланите со „Адора инженеринг“, иако законот е дециден дека купувањето на имот во стечај наметнува нови партнерски договори со новиот сопственик, „Адора инженеринг“.

Производството на топлинска енергија е регулирана дејност за јавно добро на граѓаните, каде што еден од основните услови за добивање лиценца за производство на топлинска енергија е да си сопственик на топланите и основните средства за производство на топлинска енергија или да имаш договор за закуп на истите.

„Адора инженеринг“ од институциите на државата очекува правна заштита во насока на разрешување на моменталните и идни партнерски односи со корисникот на топланите и компетентните институции на државата, под чија надлежност е оваа регулирана дејност, при тоа почитувајќи ги сите законски прописи со што ќе се овозможи заштита на вложениот домашен капитал,  зачувување на јавниот интерес и подобрување на условите кон корисниците.

„Адора инженеринг“ се надева дека настанатата ситуација ќе има благовремена разрешница, а сè во интерес на јавното добро и на граѓаните“, се вели во соопштението на компанијата.


Слично

Поврзани вести