Економија, финансии, бизнис

Контакт

АДИНГ СО ПОСЛАБИ РЕЗУЛТАТИ МИНАТАТА ГОДИНА - сепак го надминале планот за над 200 проценти

АДИНГ СО ПОСЛАБИ РЕЗУЛТАТИ МИНАТАТА ГОДИНА - сепак го надминале планот за над 200 проценти

АД Адинг Скопје во 2025 година остварил раст на приходите и позитивен финансиски резултат, покажуваат консолидираните финансиски извештаи на компанијата за периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година, покажува извештајот објавен на Македонска берза.

Вкупните приходи во анализираниот период достигнале 831.753 илјади денари, однсоно околу 13,52 милиони евра, што претставува зголемување за 56.152 илјади денари, односно 913 илјади евра или 7,2 проценти во споредба со претходната година. 

Најголем дел од приходите се остварени од продажба и изнесуваат 816.794 илјади денари или 13,27 милиони евра, односно 98,2 проценти од вкупниот приход. Од нив, 60,2 проценти се од домашниот пазар, додека 39,8 проценти се реализирани на странските пазари.

Анализата по квартали покажува дека во првиот квартал приходите изнесувале 167.750 илјади денари, 2,73 милиони евра, во вториот квартал 238.477 илјади денари - 3,88 милиони евра, во третиот квартал 222.966 илјади денари - 3,62 милиони евра, а во четвртиот квартал 202.560 илјади денари - 3,29 милиони евра.

На крајот на годината компанијата остварила добивка пред оданочување од 214.574 илјади денари, односно 3,48 милиони евра, што е 11,7 проценти помалку во однос на претходната година кога добивката изнесувала 242.944 илјади денари или околу 3,95 милиони евра. 

Сепак, добивката пред оданочување е значително над планираната, односно е 261,9 проценти поголема од планираниот износ од 59.296 илјади денари или 964 илјади евра.

Добивката по оданочување пад изнесува 206.133 илјади денари или околу 3,35 милиони евра и е 10,9 проценти пониска од минатогодишната која достигнувала 231.333 илјади денари или околу 3,76 милиони евра.

Во истиот период, вкупните расходи достигнале 629.271 илјади денари (околу 10,23 милиони евра), што претставува раст од 15,6 проценти во однос на претходната година. По квартали, расходите изнесуваат 135.542 илјади денари (околу 2,20 милиони евра) во првиот квартал, 143.837 илјади денари (околу 2,34 милиони евра) во вториот, 166.043 илјади денари (околу 2,70 милиони евра) во третиот и 183.489 илјади денари (околу 2,98 милиони евра) во четвртиот квартал.

Според извештајот, кредитната задолженост на компанијата е зголемена за 7.150 илјади денари (околу 116 илјади евра). Воедно, реализирани се капитални инвестиции од 59.110 илјади денари (околу 961 илјада евра), додека залихите на готови производи се зголемени за 12.092 илјади денари (околу 196 илјади евра).

Компанијата исплатила и дивиденда во износ од 12.964 илјади денари или околу 211 илјади евра, поточно 38 денари нето по акција.

Во извештајот се наведува дека во текот на 2025 година нема значајни промени во сметководствените политики во однос на последните ревидирани финансиски извештаи. Дополнително, се посочува дека не се евидентирани значајни продажби или отписи на материјални средства, ниту пак поголеми промени во кредитната задолженост во однос на претходните годишни извештаи.

Адинг во текот на целата година бележел надминување на планираните резултати. Во првиот квартал реализацијата била 23,8 проценти над планот, во вториот 41,8 проценти, во третиот 20,6 проценти, а во четвртиот квартал 37,6 проценти над планираното, што укажува на континуирано надминување на деловните очекувања во текот на 2025 година.

П.О.

Слично

Поврзани вести