„Адинг“ се вклопи во градежното сивило
Во општиот пад на градежната оператива во Македонија се вклопи и „Адинг“, кој направи загуба од 4,7 милиони денари во првиот квартал годинава и тоа во голема мерка е резултат на падот на приходите од продажба на домашниот пазар, покажуваат официјалните податоци што компанијата ги објави на веб страницата на Македонската берза.
Домашната продажба паднала за 23 отсто, а компанијата поради малите приходи во однос на трошоците е во загуба од 4,7 милиони денари во првиот квартал од 2018-та, што се вклопува во сивилото заедно со „Гранит“ и „Усје“.
Евидентно е дека падот на овие три субјекти се должи на големиот пад на градежните активности на домашниот пазар. „Адинг“ во првото тромесечие годинава продал стоки и услуги во вредност од 48,3 милиони денари и тоа е за 18 отсто помалку од истиот период лани. Во бројки продажбата дома паднала за 9,7 милиони денари и изнесува 32,2 милиони денари. Компанијата е слаба и на странските пазари, со реализација од само 16 милиони денари. Во текот на првите три месеци залихата се натрупала за 4,4 милиони денари што е зголемување за над 60 отсто на залихата што ја имале пред да започне 2018-та, што е уште еден показател кој ја потврдува горенаведената ситуација.
„Адинг“ за камати на кредити во просек дневно плаќа 250 евра за камати, што и не е мал товар. Финансискиот трошок зема речиси 3 отсто од приходите од продажба. Ако се проектира со иста динамика во другите три квартали годинава тие ќе дојдат до износ од речиси 9 отсто од целиот приходи што е податок што секако нема да ги радува акционерите на компанијата.
Целата групација на „Адинг“ денес има повеќе од 150 вработени стручњаци од кои околу 90 вработени се во матичната компанија, а останатите во компаниите членки на групацијата во Македонија и светот. „Адинг“ е инженерска компанија во која над 40 отсто од целата структура вработени се градежни инженери, архитекти, хемиски инженери, технолози и други високостручни профили. Тие се грижат за технолошки високата производствената програма со повеќе од 100 производи за модерните градежнио потфати.
„Адинг“ е компанија за производство и пласман на хемиски материјали за градежништвото, основана во1969 година. Седиштето и најголемиот производствен погон се наоѓаат во Скопје, а со свои претставништва и дистрибутери е присутна на повеќе од 13 пазари од регионот на Југоисточна Европа, Блискиот Исток и Азија. Компанијата е присутна со свои производствени погони и во Бугарија и Иран, додека свои фирми претставништва има во Србија, Казахстан и Грција.
