Адеми: Сакам дијалог со СОНК, ама без уцени
Министерството за образование и наука е подготвено за дијалог со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) по однос на нивните барања, но без условувања и уцени, вели министерот Абдилаќим Адеми, запрашан за последнит протест на кој синдикалците упатија конкретни барања до него.
Адеми тврди дека на 16 јули имал средба со претседателот на СОНК, на која разговарал за барањата на синдикатот поврзани со екстерното тестирање, минималната плата и колективниот договор во високото образование, но оти бил условен со закана дека СОНК нема да го продолжи дијалогот со Министерството и Владата додека не се реши случајот со тројцата професори од штипскиот Економски факултет кои штрајкуваа со глад.
„Тука, за жал, се прекинаа преговорите со СОНК. Ние остануваме отворени за да дискутираме со СОНК, но нагласувам тие преговори не можат да бидат со уцена и со услови. Ние во СОНК гледаме партнер со кој треба заеднички да се залагаме за подобрување на состојбите и квалитетот во образованието“, вели Адеми.
Тој изрази надеж дека синдикатот ќе ја поддржи владата во планираните инвестиции и реформи во образованието. СОНК го прогласи за успешен протестот пред ресорното Министерство, што се одржа во петокот, и изрази очекување дека надлежните институции конечно ќе се зафатат со решавање на проблемите во образованието.
Во знак на добра волја, штрајкот со глад на тројцата професори од штипскиот факултет беше ставен во мирување.
Слично
