Адеми не попушта: Средба со студентите кога ќе има конкретен предлог
После вчерашниот успешен масовен студентски марш Министерот за образование Абдилаќим Адеми останува на ставот за споведување на државен испит, истакнувајќи дека Министерството за образование и Владата набргу ќе излезат со јасен концепт за државниот испит. Министерот Адеми им честита на студентите за мирниот протест.
„Драго ми е што протестите беа мирни, а се однесуваат на прашањето на образованието. Кога ќе излеземе со нашиот концепт и модел за државниот испит, ќе го соопштиме јавно и ќе ги повикаме сите да се вклучат во јавната дебата, со цел да постигнеме достапен модел за сите, особено прифатлив за оние врз кои треба да се спроведе во иднина. Ова се прави за да се зголеми квалитетот на високото образование“, изјавил денеска Адеми при престојот во Тетово.
Министерот посочил дека студентите не биле примени на разговор поради тоа што државниот испит не бил јавно презентиран.
„Во моментот кога ќе биде готов, ќе го презентираме и сите ќе бидат вклучени, па и студентите“, рекол Адеми.
За државниот испит се очекува расправа на идната владина седница.
И додека Владата ги разгледува можните модалитети, студентите постојано добиваат поддшка од сите страни. Денеска со нив се солидаризираа студентите од Тирана и Белград.
