Економија, финансии, бизнис

Контакт

Адеми: Јас сакам екстерно, ама не зависи само од мене!

Адеми: Јас сакам екстерно, ама не зависи само од мене!

До средината на декември Министерството за образование треба да пресече - ќе има или не екстерно тестирање во високото образование. Министерот Абдилаќим Адеми вели дека лично тој го подджрува државниот испит, но ќе разговара со универзитетите и студентите.

„Лично, повеќе сум наклонет да има, но не зависи само од мене, туку од повеќе фактори. Ако се одлучиме да има, тоа мора да биде без да се нарушува автономијата на универзитетите, без да се загрози Болоњскиот процес и без да има дополнителен товар и за универзитетите и за студентите“, увери Адеми, кој вчера на протестите не се сретна со претставници на студентите за да им ги објасни плановите.

Сепак, цитирајќи го премиерот Никола Груевски, министерот е категоричен дека мора да има некој тип проверка со цел да се зголеми квалитетот на високото образование.

„Дали тоа ќе биде државен испит, дали ќе биде друга форма, се уште не е одлучено и кога ќе одлучиме, ќе споделиме со јавноста. Тоа нема да биде тајно, туку ќе се прави со Закон за високо образование кој ќе се донесе во Собранието“, нагласува Адеми.

Иако се залага за екстерна проверка, министерот сепак не смета дека образованието во Македонија е неквалитетно. Вели - има универзитети на кои наставата не се следи редовно.

„Има универзитети во кои студентите што се запишани не го знаат ни македонскиот, ни албанскиот јазик, им предаваат со слушалки. Има студенти кои не следат настава, а добиваат оценки. Ги следиме тие состојби, и со Инспекторатот и со други органи, но мора да ставиме и правни механизми тие студенти сами да се исклучат од образовниот систем, а не сите студенти да ги ставиме во ист кош“, нагласува Адеми.

Вчерашниот протест на студентите тој го оцени како „легитимно и гарантирано право на секого во едно демократско општество“, но додава дека не разбира зошто се протестира кога се уште не е утврдено дали ќе има екстерно тестирање и по кој модел. Со оглед на тоа што во барањата на студентите имало и политички, како она за негова оставка, Адеми верува дека студентите не биле вистинските организатори на вчерашниот простест и дека, како што рече, некој стои во позадина.

„Има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти. Подготвив одговор на писмото но, за жал, не можам да го доставам зашто во писмото нема ни име ни адреса. Деновиве очекувам да добијам име на организаторот и адреса, за да им пратам одговор, а ако не добијам, тогаш јавно ќе одговорам преку средствата за јавно информирање“, се обиде да се оправда Адеми.

Слично

Поврзани вести