АД ТЕ-ТО ќе заработи 3,5 милиони евра од ЕСМ за еден месец?
По 58 евра од мегаватчас најверојатно ќе ја купува АД ЕСМ топлинската енергија од гасната централа ТЕ-ТО АД Скопје, откако државните електрани пред два дена беа задолжени да склучат договор со постројката за затоплување на парното на скопјани. Ова е цената по која најверојатно ќе се постигне договор за дополнителна топлинска енергија за време од еден месец во наредниот период. До 15 ноември ЕСМ веќе има договор со „Макпетрол“ за снабдување со гас на топланите Исток и Запад.
Веројатната цена од 58 евра, како што дознава „Фактор“, е според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика донесена околу 1 јули годинава за испорачување на топлинска енергија. Претходно, на почетокот од годинава, кога ЕСМ принудно го менаџираше БЕГ, купувал топлинска енергија од ТЕ-ТО по ограничена цена од околу 33 евра по мегаватчас, според претходната јануарска одлука на РКЕ. Тоа значи дека во меѓувреме, цената за услугите од ТЕ-ТО по регулиран пат би поскапеле за дополнителни 20 евра од мегаватчас за неполна една година.
Според нашите сознанија, проектирано е ЕСМ од ТЕ-ТО за еден месец да купи 60.000 мегаватчасови. Тоа значи дека ТЕ-ТО за еден месец испорака би наплатил околу 3,5 милиони евра. Инаку, топлиснката енергија што ја ослободува когенеративната централа е производ од кој дополнително се заработува, а примарна е продажбата на електрична енергија која се произведува од гас.
Како што стојат работите, електричната енергија која „ТЕ- ТО“ ја произведува ќе ја пласира на отворен пазар од каде што домашната индустрија ќе може да ја купи, но по пазарни цени кои на берзата до вчера беа повисоки од 200 евра по мегаватчас. Тоа го потврди и премиерот Димитар Ковачевски пред два дена.
- ТЕ-ТО има обезбедено гас по цена која може рентабилно да обезбеди електрична енергија и да ја понуди на слободниот пазар за компаниите во нашата држава, рече Ковачевски.
Засега не е понзнато дали барањата на стопанските комори да добиваат поевтина струја од берзанската од ТЕ-ТО ќе бидат прифатени. Според извештајните прикази на веб страницата на ТЕ-ТО, оваа компанија произведувала струја речиси до максимално ниво во септември кога цената на природниот гас беше екстремно висока и во такви услови беше тешко да се создава струја од тој енергенс. Во моментов не е познато каков договор има ТЕ-ТО за снабдување со гас за своите потреби, но во септември потрошил 29 милиони метри кубни и произвел 143 гигаватчасови кои биле продадени.
Инаку просечната цена на гас во Европа во октомври била околу 1.382 долари за 1.000 кубни метри, додека во септември просечно таа изнесувала 2.090 долари.
Александар Кузмановски
