АД „Тајмиште“ ја загуби концесијата на рудникот за железо
Владата вчера донела одлука за едностран раскин на договорот за концесија кој го има АД Тајмиште за експлоатација на железна од руда од истоимениот локалитет во Кичево, објавено е денеска во Службен весник.
Во јануари 2014 се додели концесија за експлоатација на руди од железо од рудникот Тајмиште додека за локалитетот се сметаше дека се уште има големи резерви на железо.
Акционерското друштво „Тајмиште“ од Кичево со концесијата требаше во наредните 30 години да стопанисува со рудникот, откако компанијата официјално го потпиша договорот за концесионерство.
За сега нема информации дали Владата повторно, преку јавен повик, ќе бара инвеститор кој со доволно добра понуда и бизнис план ќе гарантира рестартирање на рудникот, со што ќе стане и негов газда за најмалку 30 години. Се проценува дека овој рудник крие висококвалитетна железна руда доволна за Тајмиште да работи во следните 150 години.
Актуелниот договор еднострано се раскинува поради неплаќање на концесискиот надоместок. Во изминатиот период рудникот често не работеше а малцинските акционери беа во судир со мнозинскиот.
Пред 2014 постоеја гласини дека заинтересирани странски инвеститори од Канада, Норвешка, Турција и Италија се заинтересирани за концесијата, но до таков договор не дојде.
