Ад хок телото за медиуми „запна“ на Деловникот за работа
Ад хок телото за следење на медиумите во предизборието уште не го усвоило Деловникот за работа.
Петте членови запнаа околу начинот на гласање, а има несогласувања и околу тоа кој да ја претставува Комисијата во јавност. Од телото велат дека е многу тешко да се постигне договор.
Минатата недела расправале за предлог-деловник, но членовите не можеле да се договорат за деталите.
Членовите најавија дека првиoт извештај од стручните служби на Агенцијата за медиуми ќе биде готов следната недела, до кога очекуваат Деловникот да биде донесен и да може да работат.
Ад-хок телото за мониторирање на медиумското известување се формираше согласно партискиот договор за спроведување фер и демократски избори. Телото ќе врши проценка на балансираното известување со мандат до завршувањето на изборниот процес.
На предлог на опозицијата членови во ад хок телото се новинарите Љубомир Костовски и Горан Трпеновски, а на предлог на ВМРО-ДПМНЕ се новинарите Слаѓана Димишкова и Цветин Чилиманов. Петтиот член на телото, кој според договорот мора да биде Албанец е Љуљзим Хазири.
