Ад хок телото во полн состав – Хазири и официјално стана член
Со консензус ад хок телото за медиуми денеска го прифати предлогот на политичките партии за петти член да се избере Љуљзим Хазири.
Со тоа и официјално телото е комплетирано сто дена пред избори.
„Имаме неколку принципи од кои нема да се отстапи. Тоа е, пред сè, слобода на изразување, слобода на медиуми, никаква цензура и, се разбира, почитување на сите правила за сите еднакво “– рече Слаѓана Димишкова, член на ад хок телото.
Хазири кој е новинар и НВО активист, вели дека неговата кандидатура била веројатно единственото решение за кое партиите можеле да се согласат.
„Мислам дека со моето присуство и со мојата независност ќе бидам репер на добра соработка и за наоѓање решенија. Сметам дека состојбата со медиумите не бара сто дена, туку подолг временски период за да се добие една оптимална ситуација„ – изјави тој.
Следење на програмата на телевизиите и радио-дифузерите почнува во петок. Ад хок телото ќе носи заклучоци кои ќе бидат важечки за Агенцијата за Аудио и Аудиовизуелни Медиумски Услуги. Заклучоците ќе се однесуваат на препораки дали да се покренат постапки против медиуми кои го прекршиле изборниот законик.
Иако се доцнеше со изборот на последниот член кој мора да биде Албанец, телото сега е во полн состав.
