Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ад хок комисијата блокирана, партиите се препукуваат

Ад хок комисијата блокирана, партиите се препукуваат
Претседателот на Комисијата за настаните од 24 декември Борче Давитковски сепак ќе се сретне македонскиот претседателот Ѓорге Иванов. Ова го најави Иванов, според кој средбата ќе се случи во текот на оваа недела. Во петокот Давитковски беше вратен од претседателскиот кабинет, а образложнието беше дека претседателот не може да го прими, бидејќи е отсутен. На средбата треба на Иванов да му образложи зошто дава оставка од претседателското место на Комисијата. Денеска и членот на комисијата за од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, ги повика своите колеги од СДСМ на средба и продолжување на работата комисијата.
„Би сакал да упатам јавна покана и иницијатива до членовите на Комисијата предложени од редот на СДСМ, Фрчкоски и Тренеска-Дескоска, во наредните пет дена, во термин и место кое тие би го посочиле да го продолжиме дијалогот и дискусиите поврзани со процесот на работа на Комисијата, но и со конкретен продолжеток со седници и со одговорна работа на самата Комисија", рече Димовски на прес-конференција. Според Димовски конструктивниот пристап е единствен начин како може да се дојде до финално решение од работата на Комисијата. „Не би сакале со неконструктивен и некоректен однос да им даваме аргументи на оние страни кои не и' посакуваат добар развој на Република Македонија. Во овој случај би сакал да потенцирам, дека секој од нас и секој политички чинител ја носи својата одговорност и мора да се однесува во согласност со неа. Секое различно однесување е некоректно кон интересот на Република Македонија", рече Димовски. СДСМ пак го повикаа претседателот Иванов во најкраток можен рок да го реши статусот на претседателот Борче Давитковски. „Во меѓувреме, пратеникот Илија Димовски не е во позиција да свикува седници на Комисијата, а уште помалку има право да поставува ултимативни рокови на останатите членови. Ако требаше Комисијата да работи со 4 члена од партиите и без претседател, таа ќе почнеше да работи уште на 16 март, кога беа именувани членовите, а не на 11 јуни, кога беше постигнат договор и именуван нејзиниот претседател Борче Давитковски“, изјави портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Слично

Поврзани вести