Економија, финансии, бизнис

Контакт

АД ЕЛЕМ со демант кон СДСМ: Домашното производство се испорачува согласно потребите

АД ЕЛЕМ со демант кон СДСМ: Домашното производство се испорачува согласно потребите

По серијата обвинувања на опозициската СДСМ која денеска упати низа критики кон АД ЕЛЕМ дека  дистрибутивната мрежа за електрична енергија колабирала од еден снег, поради бизнис интересите на електродистрибутерот, државната компанија МЕПСО, за барок, туризам и реклами, од АД ЕЛЕМ во соопштение за ФАКТОР.МК ги демантираат овие тврдења.

„Постојните електроцентрали на АД ЕЛЕМ испорачуваат електрична енергија во согласност со потребите на тарифните потрошувачи во Република Македонија. Компанијата во целост ги пласира најавените количини на електрична енергија кон електроенергетскиот систем врз основа на потрошувачката на овој енергент од страна на домаќинствата и на малото стопанство“, потенцираат од АД ЕЛЕМ.

Тие истакнуваат дека во изминатиот период домашното производство на електрична енергија од капацитетите на АД ЕЛЕМ било оптимизирано и целосно прилагодено врз потребите од електрична енергија на оваа категорија потрошувачи.

„Трите термоблокови во РЕК Битола се вклучени во електроенергетскиот систем и испорачуваат според потребите, а производството во ТЕ Осломеј се прилагодува во зависност од потребите на електроенергетскиот систем и во зависност од економско - техничките услови на пазарот“, велат од АД ЕЛЕМ.

Понатаму потенцират дека компанијата има изградено стратегија за ревитализација и модернизација на постојните капацитети, за продолжување на нивниот животен век за наредните неколку децении. Дел од инвестициските зафати, поради сложеноста на нивната реализација бараат и подолг застој на дел од електраните, но тоа се прави во функција на нивна долгорочно искористување. Во тој период очекувано се зголемуваат оперативните трошоци, во функција на оптимизација и целосно подесување на потребните техничко - технолошки параметри.

„Со цел да се избегнат било какви шпекулации на оваа тема, АД ЕЛЕМ ја потсетува јавноста дека во периодот за кој зборува СДСМ нема дополнителен увоз на електрична енергија, надвор од оние количини што согласно законот за енергетика го увезува АД ЕВН за покривање на техничките загуби во дистрибутивната мрежа. АД ЕЛЕМ, речиси три години не увезува електрична енергија затоа што ниту има интерес да го прави тоа, ниту има таква законска обврска. Увозот за кој зборуваат од СДСМ се однесува на целокупниот конзум во кој се вброени и стопанските субјекти што сами си набавуваат електрична енергија на либерализираниот пазар, велат од АД ЕЛЕМ.

Покрај испораката на потребните количини енергија за потребите на таарифните потрошувачи, во текот на минатата година беа реализирани и јавни аукции за продажба на вишоци на електрична енергија од електраните на ЕЛЕМ. Согласно податоците, за 2014 година како вишоци се продадени повеќе од 320 гигаватчасови електрична енергија кон субјекти кои учествувале на најавените аукции во транспарентна процедура.

Наспроти тезите на СДСМ, АД „Електрани на Македонија“ потсетува дека компанијата е во редот на најголемите домашни инвеститори последните пет години. Само во 2014 година целосно се заокружени два капитални енергетски проекти-пуштен е во употреба паркот на ветерни електрани во Богданци и заврши втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните,и двата проекти со вкупна вредност од околу 92 милиони евра. Компанијата и понатаму продолжува со инвестиции во енергетски проекти во кои главни цели ќе бидат ефикасното производство и заштитата на животната средина.

Од АД ЕЛЕМ порачуваат СДСМ да престане да манипулира со тезата дека производството е единствен фактор од кој се формира цената на електричната енергија за тарифните потрошувачи. Таа според утврдена методологија ја одредува Регулаторната комисија за енергетика, а не АД ЕЛЕМ.

Слично

Поврзани вести