Ѕанакопулос: Новото договорено сложено име треба да биде и уставно име
Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор на Грција, Димитрис Ѕанакопулос вели дека новото договорено сложено име треба да биде и уставно име на соседната земја, одговарајќи на прашањето на дописникот на МИА од Атина во однос на тоа дали Грција би прифатила име што би било само за меѓународна, а не и за внатрешна употреба.
„По дефиниција е невозможно. Тоа е контрадикција на терминот, односно не е можно да говориме дека важи за сите и да исклучуваме некој од сите, односно самата Поранешна југословенска Република Македонија. Според тоа за да постои заемно прифатливо решение во конкретното прашање, неопходна е уставна ревизија и прифаќање од страна на Поранешната југословенска Република Македонија, како уставно име на новото сложено име што ќе се договори“ – вели Ѕанакопулос.
Во однос на тоа каде се наоѓаат двете земји во преговорите, по средбата на шефовите на двете дипломатии, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во Охрид, и за кои точки има поклопување на ставовите и договор, а кои се уште отворени, Ѕанакопулос кусо одговори дека грчката Влада има поставено два предуслова за постигнување решение: прво сложено име и второ ерга омнес, што значи и уставна ревизија.
„Секако, ги признаваме политичките тешкотии и пречките со кои се соочува еден таков договор, но пречките не се однесуваат само на ПЈРМ, туку и на Грција. Нашите соседи треба да сфатат дека кај заемно прифатливо решение како предуслов има отстапки и од двете страни. Грција се наоѓа на средината на мостот и очекува од ПЈРМ да го изоди потребниот пат за да стигнеме токму до еден таков договор. Продолжуваме да преговараме и ги очекуваме следните чекори од Поранешната југословенска Република Македонија. Не треба да оставиме прозорецот на можности за решение што е создаден да се загуби“– рече Димитрис Ѕанакопулос во воведното обраќање на денешниот брифинг со грчките новинари и странските дописници.
Според портпаролот на грчката Влада, „за договорот да биде фер и одржлив треба да ги покрива овие два предуслови“, а преговорите продолжуваат како и „големите обиди за изнаоѓање заемно прифатливо решение“.
