УЈП блокираше 20 илјади сметки заради радиодифузна такса
Неплатена радиодифузна такса - само по овој основ нделава УЈП замрзна околу 20 илјади сметки на граѓани. Од почетокот на месецов граѓаните немаат пристап до нивните трансакциски сметки, а за да ги одблокираат треба да платат и еден куп трошоци - такси за присилна наплата, тарифи за блокада и деблокада на сметката.
Така за неплатени сметки за радиодифузна такса, од кои една изнесува 190 денари, можат да си навлечат неколку илјади денари трошоци. Граѓаните се збунети и револтирани. Велат дека платите се мали, па не секогаш доволни за да се покријат сите трошоци во еден месец.
Деновиве банките се полни со граѓани кои на шалтерите бараат информации од која причина сметките не им се активни. Некои од нив се жалат дека не биле информирани дека им се заканува присилна наплата со блокирање на сметката.
Од УЈП велат дека присилната наплата на радиодифузната такса е нивна редовна активност, а се блокираат само должниците кои не платиле поголем број сметки во определен период.
„Пред отпочнување на присилна наплата на долговите за радиодифузна такса, Управата за јавни приходи до граѓаните, односно обврзниците доставува Опомени со цел да се избегне постапката за блокирање на нивните сметки. Доколку граѓаните и по доставувањето на опомените не го платат долгот во наведениот рок од опомената, Управата за јавни приходи пристапува кон присилна наплата.“, објаснуваат од УЈП.Дел од експертите сепак сметаат дека ваквиот потег на УЈП е протиивуставен, особено што на списокот на граѓани со блокирани сметки се нашле и корисници на социјална помош.
„Доколку ја следиме логиката на Законот за извршување како матичен закон, тогаш под никакви услови не смее да се направи такво одземање на средства од граѓаните, кое што ќе значи загрозување на нивната егзистенција. Односно, според Законот, можат д асе задржат најмногу до 1/3 од примањата - платите, пензиите и др. приходи“, вели проф. Мирјана Најчевска за тв 24 Вести.Со операцијата на УЈП за блокирање на сметките биле опфатени граѓани кои должеле повеќе од 570 денари за радиодифузна такса. Со ова, бројот на блокирани сметки драстично се зголеми. Од почетокот на годинава, за првпат бројот на блокирани жиро сметки надмина 200 илјади, според податоците на Народната банка. Најголем дел од нив се водат на физички лица, а помал дел - на фирми. Повеќе за податоците од НБРМ на следниот линк: За еден месец 13 000 новоблокирани граѓани и фирми!
Слично
