70 компании со добивка, 25 имаат загуби: На кој му успеа во пандемиската година
Седумдесетина од сто македонски компании оствариле добивика од околу 240 милиони евра милиони евра во текот на минатата година. Резултатот кој е остварен во една од најтешките години во поновата историја поради здравствениот предизвик од пандемијата на Ковид-19, кој предизвика и тешка економска криза сепак е подобар од лани. Анализата на финансиското работење на стотина фирми кои котираат на Македонска берза е од финансиските извештаи кои друштвата ги доставуваа за минатата година. Нето добивката на сите е 228 милиони евра. Иако растот не е многу голем, трендовите се позитивни и компании од многу сектори покажаа одлични резултати и покрај кризата. Затоа и познавачите велат дека нереално е летаргично на пазарот, па посакуваат размрдување и зголемување на интересот за македонските компании. Тоа сепак ќе зависи од многу фактори меѓу кои дел се секако и политички, повеќето се дел од економското позиционирање на земјата.
Бројките од финансиските извештаи на компаниите кои досега доставиле, покажуваат дека нето добивките се во 2020 година за 2,62 проценти повисоки од годината претходно, односно од 2019 година.
Ако лани е остварен нето профит од над 228 милиони евра, во 2019 бил 222,3 милиони евра. Од 94 компании кои имаат извештаи 69 друштва пријавиле добивка додека 25 оствариле загуби. Во 2019 година од 95 компании, 73 имаат добивка, а 22 оствариле загуба.
Инаку вкупните остварени добивки во 2020 изнесуваат над 238 милиони евра и се за помалку од процент повисоки од претходната година. Вкупната загуба пак е близу 10 милиони евра, што е значи 228 милиони евра како нето добивка.
Има компании кои имаат и четирицифрен раст на позитивниот финансиски резултат, како ЗК Пелагонија на пример, чија добивка во 2020 година е 26,2 милиони денари или пораснала за 1.375 проценти. Четирицифрен раст има и велешки „Кристал“.
Трицифрен раст на добивките имаат повеќе компании, најмногу од секторот индустрија - „Макстил“ прикажа нето добивка од 82,3 милиони денари или раст од над 400 отсто, а „МЗТ Пумпи“ има раст на добивката од над 350 проценти. „Прилепска пиварница“ прикажала нето добивка во 2020 година од 82,3 милиони денари што е исто така трицифрен раст на профитот во однос на претходната година. Сличен раст прикажал и „Скопски пазар“, кој лани впишал над 107 милиони денари како нето добивка. Солиден трицифрен раст на нето добивката има и „Тетекс“. Од банките најголем раст на нето добивката има „Стопанска банка ад Битола“ која лани остварила нето добивка од 81,4 милиони денари.
Извештајот на финансиските показатели за лани ја докажува стабилноста на компаниите чии резултати веќе ги нотиравме. „Алкалоид“ имаше одлична година и оствари раст на нето добивката од над 17 проценти. Фармацевтската компанија имаше нето добивка од 1,19 милијарди денари.
Со остварени 373,8 милиони денари УНИБанка има раст на нето добивката од 47 проценти.
Добивката на „Комерцијална банка“ порасна за 6,15 проценти, а на „Македонски телеком“ за 6,5 проценти.
Меѓу компаниите кои имаат добивки ама помали од тие во 2019 година се најдоа градежните големци „Гранит“ и „Бетон“. „Гранит“ оствари добивка од 65,2 милиони денари 2020 година што е за 66 проценти помалку во однос на 2019 година. „Бетон“ има добивка од 1,7 милиони денари или 87 проценти помалку од нето добивката во 2019 година.
Во загуби се многу од компаниите во угостителскиот и хотелскиот бизнис. Тие се најголеми губитници од кризата ако се анализираат податоците од берза. Загуба од над 70 милиони денари прикажа Интернешнал хотелс, нето загуба од 39 милиони денари има „Дебарски бањи Цапа“, а „Македонија турист“ нето загуба од над 35 милиони денари.
Александра Томиќ
