5 држави меѓу нив и Македонија воведуваат граница на прифаќањето бегалците
Австрија, Словенија, Хрватска, Србија и Македонија ги претставија границите за секојдневното прифаќање на мигранти на своја територија до 580 лица.
„Беше договорено ограничување на секојдневниот транзит на бегалци во Западен Балкан до големина која овозможува секој од новодојденците да биде проверен во согласност со правилата на Шенген зоната“, наведува Ројтерс, цитиран од агенциите.
Договорот за унифицирани правила за регистрација на мигранти на грчко-македонската граница и нивниот транспорт до Австрија беше потпишан од петте земји од т.н. Балкански пат во Загреб на 18-ти февруари. Дури сега, сепак станува јасна точната бројка што е договорена меѓу претставниците на органите на безбедноста.
Според договорот на мигрантите ќе им бидат земани биометриски податоци со цел да се утврди дали тие навистина доаѓаат од земји како Сирија, Ирак и Авганистан, каде што животот им е во опасност.
На нив нема да им биде даден статус на азиланти на грчко-македонската граница, a тоа ќе се случува во Австрија или било која друга земја, се до нивната крајна цел.
Претходно денеска властите во Србија објавија дека официјално се известени за тоа дека од денес Словенија и Хрватска дозволуваат на нивната територија до 500 мигранти. Ова го соопшти српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.
Во Србија во моментов има помалку од 2.000 бегалци, од кои само 38 лица побарале азил. „Никој од нив не сака да остане во Македонија, Србија или Хрватска. Нивната цел е една од земјите на Западна Европа. А ние треба да добиеме одговор од овие земји дали ќе ги прифатат или не“, појасни Стефановиќ.
Тој додаде дека во вторникот во Белград ќе се одржи средба на директорите на полициите на Грција, земјите од балканскиот коридор, Германија и Холандија како претседавач на ЕУ.
Во Македонија во моментов има не повеќе од 1.000 бегалци, а во Грција над 12.000. Во Грција ситуацијата се уште е надвор од контрола, групи бегалци самостојно тргнуваат кон македонско-грчката граница, а од вчера и кон границата со Албанија.
