Економија, финансии, бизнис

Контакт

360 степени: Вратениот мазут од граница бил за „Супертрејд“, но компанијата возвраќа: Мострите ги зедоа во тегли за зимница

360 степени: Вратениот мазут од граница бил за „Супертрејд“, но компанијата возвраќа: Мострите ги зедоа во тегли за зимница

Сите пет цистерни кои биле вратени од граница, а за кои зборуваа премиерот Зоран Заев и министерот за економија Крешник Бектеши се увоз на една компанија – Супертејд ДОО Скопје, објави „360 степени“ цитирајќи одговор од Царинската управа.

„Сите пет цистерни се на компанијата ‘Супертрејд’ ДОО Скопје. Кај нив сулфурот е во ред, но утврден е вишок на вода… Потеклото на мазутот е од Република Бугарија и тој е вратен за Бугарија“,велат од Царинската управа за „360 степени“.

Во одговорот од Царина не се споменува дека бил проблематичен и процентот на прашина, кој го споменуваа премерот и министерот. 

Инаку за разлика од кичевскиот увозник од сторијата на ИРЛ, кој беше релативно непознат за општата јавноста, компанијата „Супертрејд“ е значителен играч на пазарот со нафтени деривати во земјава. Станува збор за семејна компанија со „стаж“ од над 25 години, чиј единствен сопственик во моментов е Владимир Стајиќ.

Компанијата е и еден од најголемите добавувачи на мазут и горива на државни институции во Македонија. Од десетте најголеми тендери за набавка на мазут во последниве три години, четири ги добила токму „Супертрејд“. Станува збор за јавни набавки чија поединечна вредност достигнува и до 200 000 евра, а купувачи се болници и училишта.

Компанијата, освен што продава нафтени деривати на државни институции, продава горива и во малопродажба. Таа е ексклузивен застапник на американската компанија „Гулф“ и има бензински пумпи низ земјава под тој бренд.

Од компанијата за „360 степени“ изјавиле дека не е точно оти во мазутот имало повеќе вода од дозволеното, поради што им била вратена пратката.

Првенствено, обвинуваат дека мострите не биле земени согласно протокол и од овластени лица туку од цариници, и тоа во „стаклени тегли за зимница“.

„Сметаме дека се направени низа пропусти во начинот на земање мостри од цистерните. Мазутот се транспортира на 90 степени и доколку примероците не се земаат според протокол се доведува во прашање точноста на резултатите, бидејќи мазутот може да кондензира и анализата да покаже дека има поголемо количество вода. Конкретно за петте цистерни, целиот начин и постапка на земање мостри од мазутот беше надвор од сите правила и прописи. Наместо мострите од цистерните да ги земаат стручни лица, кои се обучени за тоа, сертифицирани за земање мостри, примероци за анализа зеле царински службеници. Дополнително, спорно е што примероците од мазутот не беа ставени во специјални садови, кои се запечатуваат херметички за мазутот да биде изложен на надворешни влијанија и да кондензира, туку примероци беа ставени во стаклени тегли за зимница“, велат од „Супетрејд“.

Примероците, кои според „Супетрејд“ биле земени надвор од протокол, потоа биле пратени на анализа во лабораторијата на „Макпетрол“, бидејќи државата нема своја акредитирана лабораторија за испитување квалитет на мазут. Резултатот што е добиен „Супертрејд“ не го прифаќа за релевантен поради начинот на кој се земени примероците. Анализите што сами ги нарачале од реномирана лабораторија покажале дека истиот тој мазут е со соодветен квалитет.


Слично

Поврзани вести