22 мај е денот на најскапите пици во историјата: Платени 10.000 биткоини, денес вредни близу 700 милиони евра
На 22 мај крипто-заедницата ширум светот се потсетува на една од најпознатите трансакции во историјата на дигиталните валути, денот кога две обични пици станаа симбол на подемот на биткоинот.
На 22 мај 2010 година, програмерот Ласло Хањец платил 10.000 биткоини за две пици од „Папа Џонс“. Во тоа време трансакцијата вредела околу 41 долар, а денес истата количина биткоини би имала вредност од близу 700 милиони евра. Токму затоа оваа приказна остана запаметена како една од најпознатите и најскапи купопродажби во историјата на криптовалутите.
Овој датум во крипто-светот е познат како Ден на биткоин пицата и се смета за првата позната реална купопродажба со биткоин. Со други зборови, тоа бил моментот кога дигиталната валута првпат била употребена за купување конкретен производ, наместо да остане само технолошки експеримент меѓу програмери и ентузијасти.
Годинава, 22 мај повторно се одбележува со глобални собири, локални настани и делење бесплатни пици. Во повеќе градови низ светот љубителите на биткоинот се собираат околу приказната за двете пици што од обична нарачка прераснаа во еден од најпознатите симболи на крипто-индустријата.
Иако денес приказната звучи како најскапиот ручек во историјата, во 2010 година биткоинот речиси немал пазарна вредност. Оваа трансакција остана важна затоа што покажа дека биткоинот може да се користи за реално плаќање.
