Студентите се погласни, МОН попушта- в четврток на средба на академско тло!
Средбата со која официјално треба да почнат разговорите за нов Закон за високо образование ќе се реализира в четврток во Ректоратот на УКИМ.Откако пред два дена првично најавената средба беше откажана без официјално објаснување,на покана на ректорот Велимир Стојковски закажана е нова средба.
На неа треба да се сретнат работните групи со претставници од УКИМ, МОН, професорскиот и студентскиот пленум од кои се очекуваат предлози за креирање на ново законско решение. Првично двете засегнати страни останаа на своите цврсти ставови, што дополнително го подгреа незадоволството кај студентите и професорите.
Во меѓувреме, секојдневно гласот на студентите одекнува се посилно на скоро сите факултети на УКИМ
Студентите стануваат се поединствени во своите ставови. Здружено настапија и членовите на Студентскиот пленум од Педагошкиот факултет Св Климент Охридски.
Тие велат дека од новите законски решенија најмногу ќе бидат засегнати идните наставници, особено со задолжителната дообука на Академијата за наставници и се потешко стигнување до работно место. Самото отворање на таква Академија ја негира дипломата со која дипломираните студенти се стекнуваат по завршувањето на студиите како дипломиран професор по одделенска настава и дипломирани воспитувачи за предучилишна настава-вели за Фактор, Љубица Чурлинова од Студентскиот пленум на Педагошкиот факултет.
“Со Академијата, секој што завршил било каков факултет, може да стане наставник и тоа во рок од 1 година. Зошто тогаш постојат четиригодишни студии по педагошки науки? Па така, во член 47 ст. 1 и 2 се вели дека целта на теоретската настава во Академијата е кај учесниците да развие пошироки знаења од областа на педагошките науки, како и современите методи на работа. Целта на практичната обука е да ги оспособи учесниците да ја планираат и реализираат воспитно-образовна работа во училиште. Горенаведените цели ние веќе ги исполнуваме со нашите четиригодишни студии. Зошто тоа се негира? Дали сметаат дека три месеци теорија и пет месеци пракса ќе ни дадат подобро образование отколку четири години стручни студии?”-прашува студентката Чурлинова.
Според неа, дополнително се зголемуваат и трошоците но и времето кое треба да го поминат завршените студенти за да добијат своевидна доквалификација наместо да бараат работа и да конкурираат со факултетската диплома на пазарот на труд. За неа и нејзините колеги е нејасно зошто постои педагошката академија како бариера во образовниот систем кога за да се стигне до истата е потребен просек од најмалку 8. Со тоа студентите кои имаат понизок просек, според неа губат воља и желба и надеж за вработување, иако сакаат понатаму да се надградуваат.
“Според член 33 ст. 2 и член 39 ст. 9, кандидатот плаќа за упис во Академијата и ги сноси трошоците за приемните испити. Но никаде не е наведена сумата. Со ова се врши економска дискриминација на кандидатите. Ние апсолутно ги отфрламе ст. 5 и 6 од
член 44:
став 5: Доколку учесникот во текот на обука се откаже, не го положил завршниот испити преку необуката е должен да ги надомести трошоците и другите надоместоци за неговото обучување во висина на стипендијата која ја примил додека бил учесник на обуката на Академијата.
став 6: Ако учесникот, по завршувањето на обуката во Академијата одбие да се вработи како наставник, во тој случај ја враќа стипендијата во двојно поголем износ од износот на стипендијата која ја примал за времето додека бил учесник на обуката на Академијата. Ова се однесува за учесниците кои претходно имаат завршено студии на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишно,основно и средно образование”-додава Љубица Чурлинова од Студентскиот пленум на Педагошкиот факултет.
Студентите од педагошкиот факултет преку интерен пленум ја бојкотираа наставата и ја продолжуваат битката на нивните колеги кои веќе осум дена ја реализираат автономната студентска зона на дел од факултетите.
Тие бараат комплетно повлекување на измените на Законот за високо образование, особено на одредбата според која во иднина ќе можат да се вработат само доколку по дипломирањето ја завршат и Академијата за наставници. Влезот на овој задолжителен филтер пред вработувањето е условен од просекот на студиите што ќе направи дополнителна дискриминација за оние студенти кои нема да го постигнат овој успех поради објективни или субјективни причини. Оттука за нив е нелогична идејата на надлежните на ваков начин да го подобруваат квалитетот во високото образование на сметка на идните просветни работници.
Лошите реформи во високото образование покрај студентите ги посочуваат и нивните професори. Наставно-научниот совет на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје уште во декември минатата година преку писмо се обрати до Ректоратот на УКИМ во кое се изјасни против тогашниот предлог – закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно образование и истиот во целост го отфрли.
“Како причина беше наведено дека предлог-законот нема никаква општествена оправданост за да се формира Академија за наставници како нова јавна установа која би давала и одземала лиценци. Дејноста на Академијата, според Наставно-научниот совет е веќе регулирана во постоечките Центри за кариера, како и преку предвидените форми на доживотно учење, студиските програми пократки од три години, педагошка доквалификација. Оттаму реагираа дека на тој начин нема да се загрози и наруши Автономијата на универзитетот и нема дополнително да се оптовари буџетот. Потребата за практична настава,според професорите од Педагошкиот факултет може да се доуреди преку веќе постојните одредби од Законот за високо образование и акредитираните студиски и предметни програми”-вели студентката Чурлинова која го објаснува писмото од Наставничкиот совет упатено до Ректоратот.
Таа додава дека одлуките на надлежните се спротивни од она што како анализа и искуство го говори праксата. Според професорите, постоечките студиски и предметни програми на педагошките и на наставничките факултети содржат доволно предмети и елементи од областа на педагогијата,психологијата и методиката, а на педагошките и наставничките факултети работат најкомпетентните наставници за овие предмети за да може да се формира соодветен стручен профилна наставник кој ги задоволува предвидените компетенции.
Студентите од пленумот остануваат на ставот окупацијата да остане начин за изразување на нивното незадоволство се дури не добијат гаранција дека она што ќе се изготви како нов Закон навистина ќе биде имплементирано.
Тие бараат да се потпише спогодба помеѓу Интеруниверзитетската конференција и Министерството за образование и наука која ќе опфаќа загарантирано учество на Студентскиот пленум во изработката на целиот закон со цел тој да ги рефлектира студентските ставови и перспективи. Формирање на работни групи во кои членовите од Студентскиот и Професорскиот пленум ќе бидат рамномерно застапени, како и рокови за изработка на прв и втор Нацрт на законот. Студентите на Педагошкиот факултет се очекува автономна зона да прогласат во следниот период.
С.Б.
Слично
