Економија, финансии, бизнис

Контакт

128 милиони евра за увоз на струја лани!

128 милиони евра за увоз на струја лани!
Овој фантастичен одлив на девизи за увоз оди во прилог на трговците со струја и земјите од кои Македонија ја купи оваа струја. Што прави државата веќе осум години на темата инвестиции во енергетиката и намалување на увозот на енергија? Неверојатни 128 милиони евра Македонија искешира за увоз на струја во периодот јануари - декември 2013 година. Анализата на Фактор покажува дека во првите 9 месеци од минатата година  за увоз на струја се одлејаа 93 милиони евра. Само во август и септември пак, струјата која Македонија ја купи од странство, а не можеше да ја произведе дома за да ги задоволи потрошувачите на компаниите и домаќинставата чинеше 20 милиони евра. Податоците од Државниот завод за статистика се уште позагрижувачки ако се анализира периодот јануари - јули 2013 година, кога дури 73 милиони евра Македонија искеширала за увоз само за струја. Статистичките податоци фрапираат од месец во месец. Она што загрижува е отсуството на вистинска стратегија и енергетска политика на државата. Иако Владата и нарача на МАНУ да изготви Енергетска стратегија за земјава до 2030 година, многу малку од препораките на академиците до сега станаа реалност. Што прави државата на темата инвестиции во енергетиката и намалување на увозот на енергија? Над 1 милијарда евра за увоз на струја за осум години?! Македонија никако да го намали увозот на струја и одливот на девизи по оваа основа. Состојбата со дефицитарното домашно производство на струја е далеку поалармантна ако се земат предвид статистичките податоци кои покажуваат дека во изминатите шест години рекорден е увозот на струја во 2008 година, дури 235 милиони евра за набавка на 2,7 гигават/часови струја. Во 2009 година ЕЛЕМ и големите индустриски капацитети, кои сами купуваат струја на слободниот пазар, платија речиси 90 милиони евра и 86 милиони во 2010 година. Во 2011 година пак, увозот на струја во Македонија достигна дури 165,4 милиони евра за околу 2.600 гигават/часови. Државната статистика покажува и дека во 2012 година увозот на струја е 197 милиони евра. Лани пак, набавката на овој енергенс значеше одлив на 128 милиони евра. За увозот на електрична енергија пред 2008 година, Државниот завод за статистика не нуди информации. Со растечката потрошувачка на струја Македонија од година во година ги полни џебовите на увозниците на струја, без притоа да се пофали дека изградила неколку од круцијалните децениски најавувани енергетски проекти. Поголемиот дел од енергетските експерти во земјава, за Фактор одбиваат да го коментираат галопирачкиот раст на увозот на струја и последиците од одливот на овие пари од државата. Поголемиот дел од нив, кои се и потпишани зад владините енерегетски стратегии, јавно не ги коментираат овие официјални статистички податоци. Увезената струја најмногу од Бугарија и Швајцарија Анализата на Фактор покажува дека дефицитарното домашно производство на струја, кое се надоместува со скап увоз во најголем дел влегува од Бугарија и Швајцарија. Статистиката покажува дека за периодот јануари – декември минатата година увезената струја во земјава влегла од Србија, од Бугарија и од Швајцарија. Статистиката единствено го обелоденува потеклото на оваа увезена струја, но не и количината. Оттука, нема официјален податок колку точно киловат/часови струја се увезени за овие 128 милиони евра лани. Според дел од трговците со струја кои работат во Македонија, патот на струјата која стигнува до Македонија, а преку Србија или Бугарија можеби е од Германија, Австрија, Чешка или каде било во Европа, во зависност од одлуката на трговците и оптимизацијата на трошоците. Иако Македонија граничи со четири држави, енергетски е поврзана само со Србија, Бугарија и Грција, од кои што Грција е земја која што увезува голем дел од своите енергетски потреби. Тие додадаат дека бидејќи Македонија е нето увозник, целокупниот увоз се одвива преку Србија и Бугарија, а во исто време се одвива и транзит на електрична енергија низ Македонија кон Грција. Потребите се покриваат од различни берзи во регионот како што се берзите во Романија, Унгарија, Словенија, Австрија, Германија и Чешка... К.П
Слично

Поврзани вести