118 илјади евра за акции во Реплек: Продава ли некој од големите акционери?
Безмалку 118 илјади евра изброи за акции во Реплек купувачот кој вчера во блок трансакција се стекна со 67 акции со право на глас во оваа фармацевтска компанија. Една акција во блокот чини 108.000 денари, за сите платени се над 7,2 милиони денари или околу 117,6 илјади евра.
Оваа позначајна берзанска активност следува по блок трансакциите на средната на мај кога долгогодишниот прв човек на компанијата Иван Туџаров продаде во две блок трансакции 300 акции во друштвото. Со продажбата впрочем оттуѓи 1,16 проценти од вкупните акции на Реплек, а за нив купувачот му плати над 27 милиони денари односно речиси 440.000 евра. Разликата меѓу тогаш и сега е во цената во блок трансакцијата. Имено ако тоогаш помина за 90.000 денари, вчера една акција во блокот е 108.000 денари.
Туџаров продаваше по турбулентните случувања во друштвото и акционерското собрание во април на кое тој остана на челната позиција во фармацевтската компанија.
Пред промените, тој Туџаров поседуваше 11,2 отсто обични акции во Реплек, сега има 10,4 проценти. Другите акционери кои поседуваат над пет отсто од акциите со право на глас останале исти и во последниов месец.. Друштвото за трговија и услуги Ситко Антонио Доел има 6,1 отсто, Сава Пензиски фонд 6,4 проценти. Владимир Пецовски поседува 5,79 од акциите, Душан Пецовски 11, 92 проценти, а Славица Туџарова 11,57 отсто.
Како што пишувавме, Реплек беше турбулентно друштво во претходниот период по одржувањето на првата седница на акционерското собрание на 8 април годинава. Извесни несогласувања меѓу акционерите резултираа и со раст на цената на акциите за двоцифрен процент, но по одржувањето на продолжението на акционерското собрание и изгласувањето на довербата на Иван Туџаров на раководната позиција, побарувачката за акциите немаше таков интензитет.
А.Т.
